Претприемачот кој се занимава со криптовалути Џастин Сан го исполни ветувањето кое го даде откако потроши 6,2 милиони долари на уметничко дело со банана залепена со леплива лента на ѕид, така што го изеде овошјето.
Во еден од најскапите хотели во Хонгконг, Сан ја изеде бананата пред десетици новинари и инфлуенсери откако одржа говор во кој го поздрави делото како „иконично“ и повлече паралела помеѓу концептуалната уметност и криптовалутата.
„Многу е подобра од останатите банани. Навистина е многу добра“, рече Сан откако ја проба бананата.
Под називот „Comedian“, концептуалното дело на италијанскиот уметник Маурицио Кателано беше продадено на аукцијата на „Sotheby’s“ во Њујорк минатата недела, а Сан беше еден од седумте понудувачи. Сан изјави дека почувствувал „неверување“ во првите 10 секунди откако ја добил понудата, пред да сфати дека „ова може да стане нешто големо“.
За 10 секунди потоа решил дека ќе ја изеде бананата. „Јадењето на прес-конференција, исто така, може да стане дел од историјата на уметноста“, изјави Сан на денешниот настан.
Дебито на јадливата креација на изложбата „Арт Базел 2019“ во Мајами Бич предизвика контроверзии и прашања околу тоа дали тоа треба да се смета за уметност.
Сан ја спореди концептуалната уметност како „Comedian“ со „NFT“ (незаменлив токен) - уметност и децентрализирана блокчејн технологија.
„Повеќето од неговите предмети и идеи постојат како (интелектуална сопственост) и на интернет, за разлика од нешто физичко“, рече тој.
Сан исто така оваа недела ја откри инвестицијата од 30 милиони долари во „World Liberty Financial“, проект за криптовалути поддржан од новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп.
Минатата година Сан беше обвинет од американската Комисија за хартии од вредност и берза, за понудата и продажбата на нерегистрирани хартии од вредност поврзани со неговиот крипто проект Трон, а случајот е во тек.
Исто така Сан изјави дека неодамна одлучил да конкурира за уметничкото дело, додавајќи дека се соочувал со „глупави прашања“ како на пример дали бананата се распаднала и како да се цени делото.
Инаку сопственикот на уметничкото дело добива сертификат за автентичност дека делото е создадено од Кателан, како и упатства околу тоа како да го замени овошјето кога ќе се расипе.
Секој од учесниците на денешниот настан доби ролна леплива лента и по една банана како сувенир.
„Секој има банана за јадење“, додаде Сан.