Уредот, кој го креираше тим предводен од истражувачи од Универзитетот Жеџијанг во Кина, го „бара“ соединението изопрен (органско соединение кое се користи како основна единица во синтетичкото производство на многу природни и синтетички полимери). Пониските нивоа на изопрен се идентификувани како потенцијален показател за рак на белите дробови, но многу тешко тоа да се измери.
„Сега ја имаме технологијата со која можеме да го направиме тоа – барем во форма на докажан концепт. Како и кај повеќето видови на рак, колку порано се открие ракот на белите дробови, толку се поголеми шансите за негово ефикасно лекување, а сега постои потенцијал за едноставен, достапен, брз и неинвазивен начин за проверка на болеста“, велат истражувачите.
„Нашата работа не само што обезбедува пробив во евтиниот, неинвазивен скрининг на рак преку анализата на здивот, туку го унапредува и рационалниот дизајн на најсовремените материјали за откривање на гасови“ пишуваат истражувачите во нивната студија.
За да ја постигнат потребната чувствителност во нивниот монитор за здив, истражувачите користеа нано снегулки направени од комбинација на платина, индиум, никел и кислород.
Како што изопренот удира во нано снегулки, ослободувањето на електрони се активира на начин кој може да се измери.
Крајниот резултат беше сензор кој може да детектира нивоа на изопрен од дури 2 „ppb“ (делови на милијарда) – што претставува значително подобрување на постоечката технологија.
Од 13-те тестирани луѓе, пет лица со рак имале нивоа на изопрен пониски од 40 „ppb“ во здивот, додека кај здравата група од осум луѓе ова ниво било над 60 „ppb“.
Во лабораториските тестирања, се покажало дека нано снегулките можат посебно да го идентификуваат изопренот помеѓу останатите хемикалии.
Тие можат да работат и во услови со поголема влажност, што е неопходно за мониторот за здив. Меѓутоа, дури истражувачите признаваат дека патот до тоа е сè уште долг.
„Насочувајќи се на значајниот пазар за дијагностицирање на ракот на белите дробови, идната комерцијализација на технологијата бара континуирано истражување на сензорските материјали, точната врска помеѓу изопренот на здивот и ракот на белите дробови, алгоритмите за анализа на податоци и техники за интеграција со преносливи уреди“ пишуваат истражувачите.
Ракот на белите дробови е водечка причина за смрт од рак во светот, главно поради пушењето, и е одговорен за околу 1,8 милиони смртни случаи во 2020 година. Тој е исто така еден од карциномите кои честопати се откриваат во доцната фаза, кога третманите за лекување се помалку ефикасни.
„Континуираното истражување за врската помеѓу нивоата на изопрен во здивот и ракот на белите дробови, како и различните фактори кои влијаат (на пример, возраста, здравствената состојба), можат да помогнат во подобрувањето и понатамошната комерцијализација на технологијата“, пишуваат истражувачите.