Пред 17 години плачеше Македонија и целиот регион, а вака Тоше говореше ноќта пред кобниот ден: „Барам закрепнување …“

Точка

16/10/2024

09:46

1.154

Големина на фонт

а а а

„Не сакам пред мене да симнувате капа, само сакам да се гордеете со мене“, беа зборовите на никогаш непрежалениот ’македонски славеј‘, амбасадор на УНИЦЕФ кој им помагал на децата и музичарот чии песни 17 години по трагичната смрт сè уште живеат меѓу публиката – Тоше Проески.

На 16.10.2007 година, околу 6 часот и 20 минути наутро, тој на 27-годишна возраст го загуби животот во сообраќајна несреќа недалеку од Нова Градишка, додека неговата менаџерка Љиљана Петровиќ и Ѓорѓи Георгиевски се спасија со полесни повреди. Георгиевски, кој не патувал со нив, изгубил контрола над возилото и удрил во приколката на тракторот, а очите на нашата музичка ѕвезда засекогаш се склопиле.


Само ноќ претходно тој гостуваше во емисијата „Вртелешка“. На врвот на кариерата, тој призна дека неговата популарност му донела голем товар, дека со години не шетал низ центарот на градот и не гледал во излозите на дуќаните.


„Сакам, но не можам. Машинеријата ме стави како што велат „во барабан“ и толку. Нема враќање назад. Барам закрепнување од секојдневните интервјуа, шминкања, бришење шминка, пакување. Патувања во Загреб, па назад, патување во Австралија. Грешам, како и секој нормален човек, секојдневно. Не сум безгрешен, светец или ангел, далеку сум од тоа, но далеку сум и од грдите приказни кои ми се припишуваат откако сум познат“, зборуваше Тоше неколку часа пред смртта.


Со сета слава, хитови, база на фанови, тој остана верен на своите темелни вредности. Неговата вера и семејството беа на прво место, уживаше големи симпатии од девојките, а колегите го обожуваа. Есенското утро на 16 октомври сите се разбудија со најтешките и неочекувани вести.

„Толку тежок ден, што ми е мака секогаш кога се потсетуваме на тоа кобно утро откако те нема. Од денот кога си замина, овде на земјата, за оние од нас кои те сакавме, визијата за идеален свет исчезна преку ноќ. Живееме, сакаме, работиме, но ништо не е исто без тебе, мој Тоше, ништо. Со тебе полесно минуваа и тешките денови. Сè беше полесно и сè беше можно. Знам дека си тука некаде и бдееш над нас, но ми недостига твоето физичко присуство и твојата насмевка, како и твоите зборови и глас. Твојот нежен поглед и твојата разиграност на мало дете во тело на возрасен човек полн со разбирање за секого“, напиша своевремено колегата и голем пријател на Тоше, Тони Цетински на својот Фејсбук профил.


Заедно во 2004 година го снимија хит дуетот „Лагала нас мала“, кој го донесе Тоше на големите врати на хрватската музичка сцена.

Регионалната популарност никогаш не го оддалечи од родната земја, па албумот „Божилак“ ѝ го посвети на македонската народна музика. Настапуваше со опера, учеше соло пеење, пишуваше песни … „Ваков талент се раѓа еднаш во 100 години“, и денес се коментарите на неговата публика.

Тоше пееше и на англиски, имаше желба да успее во странство, па почна да работи на албумот „The Hardest Thing“, кој не стигна да го доврши, но неговите соработници успеаја да го објават албумот две години по неговата смрт.

„Тоа дете беше само уморно. Снимаше музика како педесетгодишен пејач. Сними доволно песни за дваесетгодишна кариера“, изјави во документарниот филм „Шест часа до небото“ Весна Петрушевска, актерката која вечерта пред трагедијата имаше интервју со Тоше.


Последен пат пред публиката пееше на 5 октомври 2007 година на стадионот во Скопје. На неговиот концерт кој беше од хуманитарен карактер присуствуваа неколку десетици илјади луѓе, а тој потоа им порача: „Вклучете ги телефоните, повторно направете ѕвездено небо! … Не можам да ви опишам како изгледа од сцената … Ве молам фотографирајте, сакам фотографија од оваа убавина. Нека никогаш не згасне ѕвезденото небо“.

„Мораш да ми напишеш песна за оваа вечер. Јас ќе ја направам музиката“, Тоше тогаш ѝ се обратил на Антонија Шола, која му напишала бројни хитови.

„Договорено“, му одговорила Шола …




Спонзорирани линкови

Маркетинг