Индискиот актер Ишан Катер (28) го привлече вниманието на светската јавност со улогата на Шутер во хит-серијата „The Perfect Couple“ на Нетфликс. Ишан кој досега ѝ беше најмногу познат на индиската публика, со оваа серија направи чекор кон Холивудот. Улогата ја смета за пресвртница во својата кариера, иако порано учествувал во некои проекти на „BBC“.
„Тоа што бев дел од оваа продукција ми отвори нови перспективи во актерството. Улогата беше предизвикувачка и напорна, а работата со интернационална екипа беше непроценлива“, изјави Катер во текот на најавата на серијата.
„Ова е само почеток. Се надевам дека мојата улога во „The Perfect Couple“ ќе ми ги отвори вратите кон други проекти на меѓународната сцена. Би сакал да работам на филмови и серии кои ќе ја интригираат публиката и ќе раскажат нови приказни“, додаде тој за „The Variety“.
Инаку, Ишан за многу кратко време го привлече вниманието на пошироката јавност, а веќе почнаа да го нарекуваат еден од најубавите актери на новата генерација.
Ишан за „BBC“ изјави дека на кастингот за улогата на Шутер (кој во серијата е Индиец) бил „етнички агностичен“ односно биле земени предвид актери со различно етничко потекло.
Иако е транспарентен кога станува збор за кариерата, тоа не е случај со неговиот приватен живот, односно го чува далеку од очите на јавноста, а единственото нешто што се знае, е дека неодамна раскинал љубовна врска.
„Бев во врска со некој кој не е толку јавно присутен колку мене, и свесен сум како влијае тоа врз жените со кои сум имал љубовна врска. Затоа не сакам да зборувам за тоа“, вели Ишан.
Но, индиските медиуми објавија дека тоа била манекенката Чанди Баин, а парот само неколку пати бил забележан во јавноста.
Инаку, Ишан кариерата ја започнал во Боливуд, а станал популарен по улогата во романтичната драма „Dhadak“ од 2018 година.