[ВИДЕО] „50.000 луѓе – ова е лудо“, Дејвид Гета воодушевен од Скопје: Светската диџејска ѕвезда во објава на социјалните мрежи ги сподели впечатоците по спектакуларниот настап

Точка

13/09/2026

10:15

474

Големина на фонт

а а а

Светски познатиот диџеј и музички продуцент Дејвид Гета ги сподели своите впечатоци по спектакуларниот настап во Скопје, со кој беше заокружена програмата по повод одбележувањето на 35 години независна Македонија.

Гета на своите социјални мрежи објави видео составено од кадри од неговиот настап пред илјадниците фанови во Скопје, а уште од првите секунди јасно е дека атмосферата што ја доживеал оставила силен впечаток кај него.

Енергијата од скопската публика, светлосното шоу и спектакуларната сценска продукција се дел од моментите што ги сподели светската музичка ѕвезда. Во свој препознатлив стил, Гета не пропушти ниту да се пошегува со бројноста на публиката, дополнително покажувајќи колку бил изненаден од одѕивот и атмосферата на настанот.

„Еден убав вторник, знаете, со неколку пријатели. 50.000 луѓе – ова е лудо“, вели светскиот диџеј во видеото.

Покрај импресивните кадри од самиот концерт, во видеото Гета ги сподели и своите лични впечатоци од престојот во Скопје. Тој откри дека не очекувал вакво искуство, особено кога станува збор за приемот што го добил и енергијата со која бил пречекан во македонската престолнина.


„Ќе бидам искрен, не знаев што да очекувам кога дојдов. Не знаев. Никогаш не замислував дека ќе си поминам толку неверојатно. Ви благодарам многу“, порача Гета.

Неговиот настап пред скопската публика беше вистинско музичко шоу, со голема сценска продукција, визуелни ефекти и хитови кои ги пееја и играа илјадници присутни. Со неговото шоу практично беше ставена точка на големата програма посветена на 35-годишнината од независноста на Македонија.

По спектакуларната вечер, сега и самиот Гета со својата објава покажа дека Скопје и македонската публика му оставиле посебен впечаток.


Судејќи според неговата реакција, посетата на Македонија за него била многу повеќе од уште еден настап во светската музичка агенда – била искуство кое очигледно ќе го памети.