[ВИДЕО] Ед Ширан се расплака на сцена по драмата со Меклмор: „Многу ми е жал“

Макфакс

20/09/2026

12:14

236

Големина на фонт

а а а

Ед Ширан емотивно се обрати на концерт во Филаделфија по отстранувањето на раперот Меклмор поради неговите пропалестински пораки. Тој зборуваше за конфликтот во Газа и изрази жал за контроверзиите и влијанието на турнејата.

Ед Ширан емотивно ѝ се обрати на публиката на концертот во Филаделфија и се извини за „грешките“ направени во изминатите денови, откако неговата турнеја се најде во центарот на контроверзија по отстранувањето на раперот Меклмор поради неговите пропалестински пораки.

Меклмор беше отстранет од преостанатите американски концерти откако на настап изрази поддршка за Палестинците. Ширан повтори дека одлуката не ја донел тој, туку промоторите, откако одредени стадиони одбиле да бидат домаќини на концертите доколку Меклмор остане во програмата. По неговото отстранување, неколку други изведувачи ја напуштија турнејата во знак на солидарност.

„Никогаш не сакав да бидам музичар-активист, но ова ме стави во средината на важна и страсна дебата за слободата на говорот и најсложеното политичко прашање во светот“, рече Ширан.


Тој првпат јавно го изнесе и својот став за војната. Нападите на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година ги нарече „ужасни“, но истовремено рече дека она што се случува во Газа е „катастрофално, неоправдано и непропорционално“.

„Срцето ми се крши поради размерите на уништувањето и загубата на животите на цивилите и децата“, рече Ширан, додавајќи дека неправдите на Западниот Брег не смеат да се игнорираат.

Видно емотивен, пејачот во еден момент се расплака и ѝ се заблагодари на публиката што дошла на концертот. Тој призна дека по контроверзијата не знаел дали турнејата воопшто ќе продолжи и дека се прашувал дали сака и понатаму да се занимава со музика.

Контроверзијата веќе се одрази врз турнејата – неколку изведувачи се повлекоа, а цените на билетите на секундарниот пазар за концертот во Филаделфија значително паднаа.