Ја нарекуваа „ниска жена со силен глас“, а лесно ја освои музичката сцена на почетокот на 2000-тите. Сепак, на својот врв, се пензионираше поради здравствени проблеми, а нејзината кариера никогаш не беше иста.
Американската пејачка Анастасија, која беше една од најголемите музички сензации на почетокот на векот, денес го слави својот 58-ми роденден. Роденденот го пречекува на турнејата, која неодамна ја започна, па на нејзиниот роденден ќе настапи во Белфаст, а еден ден подоцна во Даблин, по што продолжува да пее низ Велика Британија, Германија, Белгија, Швајцарија, Шпанија...
Иако нејзината кариера денес не е како во деновите кога беше „жешка“, гласот на Анастасија е незаборавен, како и песните со кои привлече огромно внимание на самиот почеток. Пресвртница во нејзината кариера секако беа хитовите „Not That Kind“ и „I’m Outta Love“, по што издаде два албума и стана една од најуспешните пејачки на планетата.
Покрај тоа, нејзината песна „Boom“ беше официјална химна на Светското првенство во фудбал во 2002 година што се одржа во Јапонија и Јужна Кореја, чест што ја имаат само најголемите ѕвезди.

Преживеала многу битки
Се чинеше дека нејзиниот пат до долга слава и награди е незапирлив, кога ракот на дојка бил откриен за време на рутинска мамографија, на која била упатена пред операцијата за намалување на градите поради болки во грбот. Веднаш била оперирана и продолжила со радиотерапија, по што го основала Фондот Анастасија за подигање на свеста за ракот на дојка кај младите жени.
„Да се направи разлика... Мислам дека тоа е смислата на животот“, истакнала самата.

По закрепнувањето, таа продолжила да настапува, но десет години подоцна ракот ѝ се вратил. И од оваа битка излегла како победничка, но Анастасија потоа решила да направи двојна мастектомија, односно операција за отстранување на градите.
Таа живее и со Кронова болест, воспалително заболување на цревата кое е откриено кога имала само 13 години.
„Јас сум борец по природа и ништо не може да го промени тоа“, објаснила пејачката.

Има еден брак зад себе
На врвот на својата популарност, Анастасија беше во врска со актерот Шон Вудс, а потоа и со германскиот диџеј Патрис Буадибел. Потоа, во 2007 година, се омажи за својот телохранител Вејн Њутн, со што стана маќеа на неговите деца од претходна врска. Сепак, брачната среќа не траеше долго, а двојката се разведе веќе во 2010 година.

Пејачката потоа ја напиша песната „Pendulum“, која зборува за нејзиниот брак, а призна дека некое време по разводот се чувствувала изгубено и често се прашувала која е всушност.

Анастасија снима нови песни
Во моментов, американската пејачка има девет студиски албуми во својата кариера, а јубилејниот десетти, наречен „Symphonic Revolution“, треба да биде објавен во ноември. Според медиумите, таа ќе ги претстави своите најголеми хитови во нов аранжман, придружувана од симфониски оркестар од 60 членови.















