Македонската музика повторно најде свое место на светската сцена. Една од најпознатите македонски народни песни, „На Струга дуќан да имам“, се слуша во новиот американски филм „The Rivals of Amziah King“, во кој главните улоги ги толкуваат познатите холивудски актери Метју Меконахи и Курт Расел.
Филмот е американски неовестерн трилер во режија на Ендру Патерсон, а од 14 август започна да се прикажува во кината во САД.
Токму една од сцените во филмот привлече внимание кај македонската јавност, откако во неа се препознава добро познатата македонска мелодија. Сцената ја објави „Комикс.мк“ на својот профил на Инстаграм.
Интересно е што во филмот не е искористена оригинална изведба, туку специфичен аранжман на песната, дело на Етел Рејм. Ја изведува Женскиот вокален ансамбл „Китка“, со седиште во Оукленд, Калифорнија, кој е посветен на источноевропските женски вокални традиции. Во изведбата учествуваат и Шира Камен и Питер Маунд.
Иако музичкиот свет на филмот во голема мера се потпира на американската блуграс и рутс музика, режисерот Патерсон направил интересен избор и внел македонска традиционална песна во својата приказна.

Причината, според информациите поврзани со музиката во филмот, лежи во специфичноста на песната – впечатливите вокални хармонии и карактеристичниот неправилен ритам од 7/8. Токму овој ритам ѝ дава посебна динамика и препознатлив танцувачки карактер, а во филмската сцена придонесува за создавање поинаква и возбудлива атмосфера.
„На Струга дуќан да имам“ е една од познатите македонски градски лирски песни, а најпознатата варијанта е посветена на Струга. Сепак, песната има и повеќе регионални варијанти во кои се споменуваат други македонски градови и чаршии, меѓу кои и Велес и маалото Којник.

Со својата препознатлива мелодија и специфичен ритам, песната одамна ги надминала границите на Македонија и е присутна на меѓународната фолклорна сцена.
Сега, пак, таа добива уште едно интересно место – во американска филмска продукција со познати холивудски имиња, што е уште еден пример како македонската традиционална музика може да стигне до публика далеку надвор од нашите граници.








