Кој е Хасан Насралах, убиениот водач на Хезболах – една од најсилните личности на Блискиот исток: За едни беше херој, а за други воен подбуцнувач

Точка

28/09/2024

13:58

1.019

Големина на фонт

а а а

Хасан Насралах, долгогодишниот водач на Хезболах (вооружената група којашто ја поддржува Иран и којашто го контролира најголемиот дел од јужен Либан), убиен е во вчерашниот напад врз Бејрут, според тврдењата на израелската војска.

Една од најмоќните личности на Блискиот исток

Насралах беше лидер на Хезболах повеќе од 30 години, кој ја трансформираше шиитската милитантна група во главна политичка сила во Либан и моќен противник на Израел.


Во текот на неговото владеење, 64 годишниот верски лидер, стана една од најмоќните и најполаризациска личности на Блискиот исток. За многумина членови на либанската, шиитска заедница – историски маргинализираната група, Насралах е херој. Додека пак другите го сметаат за воен подбуцнувач којшто земјата ја вовлече во регионални конфликти.

САД го сметаат Хезболах за терористичка организација, додека ЕУ го стави на црна листа само вооруженото крило на Хезболах.

Подемот на Насралах

Насралах е роден во 1960 година во сиромашно семејство, во предградието на главниот град на Либан, Бејрут. Откако ги завршил студиите во шиитското верско училиште во Ирак, Насралах се приклучил кон движењето „Амал“, милитантната група којашто настојуваше да го подобри статусот на шиитската заедница во Либан.

По израелската инвазија врз јужен Либан во 1982 година – во текот на разорувачката, граќанска војна во Либан, Насралах се приклучил кон новоформираната група – Хезболах.


Харизматичен клерик и вешт говорник, Насралах брзо се искачи до највисоките кругови на Хезболах. Во 1992 година, кога Израел го уби тогашниот шеф на Хезболах, Абас Ал – Мусави, Насралах беше избран за негов наследник на триесет и двегодишна возраст.

Наралах во текот на своето владеење воспостави блиски односи со Иран, клучниот сојузник на Хезболах. Со значајна финансиска и политичка помош од Техеран, Насралах ги направи Хезболах моќен, политички и воен ентитет во Либан, но и главен политички актер во регионот.

Борбата на Хезболах против Израел му обезбеди внатрешна но и надворешна поддршка на Насралах, а по упорните напади на Хезболах, во 2000 година, Израел беше принуден да ги повлече своите воени сили од јужен Либан, по 18 годишната окупација.

Насралах им помогна на Башар Ал Асад, Хамас и Јемен

Во 2006 година, Хезболах киднапираше двајца израелски војници коешто подоцна предизвика триесет и четири дневна војна со Израел, а и покрај разурнувањата и изгубените животи, оваа војна ја засили положбата на Хезболах во Либан но и во регионот.


Под водство на Насралах, Хезболах му помогна на сирискиот претседател Башар Ал Асад, во текот на граѓанската војна во Сирија, ги обучуваше милитантните групи поддржани од Иран, во Ирак и Јемен, и му помогна на Хамас – палестинското движење коешто САД и ЕУ го сметаат за терористичка организација.

Исто така, Хезболах беше обвинет дека го организирал смртоносниот, бомбашки напад врз центарот на еврејската заедница во главниот град на Аргентина, Буенос Аирес во 1994 година, пренесува „Радио Слободна Европа“.

Ретко се појавуваше во јавноста

Во последните две децении, Насралах ретко се појавуваше во јавност, а поголем дел од неговите поддржувачи можеа да го видат само на телевизиските екрани. Носејќи црн турбан, Насралах често одржуваше долги говори по пат на видео врска и тоа од тајни локации, а поради безбедносни причини.


Од почетокот на војната во Газа во октомври 2023 година, Хезболах и Израел постојано разменуваат прекугранични напади, а Хезболах соопшти дека делува во знак на солидарност со Палестинците.

Во последните месеци, Хезболах се соочи со големи неуспеси. Израел ги уби клучните членови на водството на Хезболах, и неутрализираше голем дел од неговиот воен арсенал, а исто така ја наруши и комуникацијата на членовите на групата.


Во неговиот најнов говор, одржан на 19 септември, по нападот со пејџери којшто Израел го изврши врз членовите на Хезболах, Насралах го предупреди Израел дека „одмаздата ќе стигне до нив“.



Спонзорирани линкови

Маркетинг