[ФОТО/ВИДЕО] Продолжува уште еден крвав конфликт, суданската армија започна офанзива на главниот град Картум, ова е целта на нападот

Точка

27/09/2024

21:53

1.214

Големина на фонт

а а а

Суданската армија започна голема офанзива против моќната паравоена група Сили за брза поддршка (РСФ), со кои се бори во граѓанската војна, гаѓајќи ги нивните бази во главниот град Картум, како и во градот Бахри.

Судан е зафатен од граѓанска војна откако армијата и РСФ започнаа жестока борба за моќ во април 2023 година, што доведе до, како што велат ОН, една од најтешките хуманитарни кризи во светот, објави Би-Би-Си.

Во тој конфликт загинаа до 150.000 луѓе, додека повеќе од десет милиони, околу една петтина од населението, беа принудени да ги напуштат своите домови.


Воената ескалација дојде и покрај напорите предводени од САД да се постигне прекин на огнот, за кој се дискутираше на маргините на Генералното собрание на ОН оваа недела.

Според очевидци, армијата ги преминала клучните мостови на реката Нил, кои ги одвојувале областите под контрола на владата во областа Омдурман од регионите контролирани од РСФ. Припадниците на РСФ тврдат дека ги одбиле овие напади, но се слушаат борби и се гледаат колони чад од локациите во центарот на Картум.

Од почетокот на војната, паравоените сили го контролираат речиси целиот главен град, а денешните пробиви се првиот значаен обид на владините сили по неколку месеци да повратат дел од територијата.


ОН повикаа на итна акција за заштита на цивилите и прекин на борбите. Како што соопштија од ОН, од почетокот на септември најмалку 78 цивили се убиени во гранатирање и воздушни напади во поширокото подрачје на Картум. Двете страни меѓусебно се обвинуваат за неселективно бомбардирање на цивилни области.

И ОН предупредија дека гладот му се заканува на населението, а Министерството за здравство соопшти дека во земјава владее епидемија на колера, од која минатиот месец починаа 430 лица.

Во меѓувреме, лидерот на РСФ, генерал Мохамед Хамдан Дагало изјави денеска дека оваа фракција е подготвена да го спроведе договорот за прекин на огнот во војната против армијата и да дозволи испорака на хуманитарна помош. Тој го изјави ова во снимената порака упатена до учесниците на Генералното собрание на ОН, по обраќањето на командантот на суданската армија, пренесе Ројтерс.




Спонзорирани линкови

Маркетинг