Палестинската новинарка освои „Emmy“ награда за својот документарец, и покрај негодувањата на 150 лица од филмската индустрија

Точка

27/09/2024

16:16

830

Големина на фонт

а а а

Палестинската новинарка Бисан Овда освои „Emmy“ награда за својот документарен филм на „AJ+“ – „It’s Bisan from Gaza and I’m Still Alive“, и покрај тоа што 150 луѓе од филмската индустрија се спротивставија на оваа одлука барајќи да се поништи нејзината номинација.


Филмот го следи патувањето на Овда додека нејзиното семејство бега од бомбардирањата на нивниот дом во Беит Ханун, во појасот Газа.


Џон Лоренс, извршниот продуцент во „AJ+“, во име на Овда, ја прифати наградата, бидејќи таа е сè уште заробена во појасот Газа.

„Сакаме да ѝ се заблагодариме на академијата за ова признание, оваа награда е сведоштво за моќта на една жена, „вооружена“ само со телефон, којашто преживеа речиси година дена бомбардирања“, изјави Лоренс во својот говор.

Тој исто така потенцираше дека повеќе од 100 палестинските новинари се убиени во Газа, вклучувајќи неколку негови колеги од Ал Џазира.

„Ви се заблагодаруваме вам, на нашата новинарска заедница за ова признание за Бисан и за тимот на „AJ+“ и ве повикуваме и вас да се приклучите кон изјавата дека новинарството не е злосторство“, додаде Лоренс.

Овда се здоби со милиони следбеници на социјалните мрежи, од седми октомври додека го документираше уништувањето на 70% од инфраструктурата во Газа по израелските воени акции.


Меѓутоа,нејзината номинација предизвика контроверзија, кога повеќе од 150 луѓе, вклучувајќи ја ѕвездата на серијата „Will & Grace“, Дебра Месинг, актерката Селма Блер, поранешната извршна директорка на „Paramount“, Шери Ленсинг, шефот на „WMЕ“, Рик Росен, милијардерот Хаим Шабан и менаџерот Мајк Ротенберг потпишаа писмо во коешто бараа да се поништи номинацијата на Бисан.

Писмото беше иницирано од Креативната заедница за мир – еврејската непрофитна организација, којашто својата мисија ја опишува како „едукација за растечкиот антисемитизам и поттикнување на поддршката против културниот бојкот на Израел“, и којашто во писмото тврдеше дека Овда е поврзана со Народниот фронт за ослободување на Палестина („PFLP“) – група којашто е забранета терористичка организација во САД, Јапонија и ЕУ.

Меѓутоа, претседателот на управата на Националната академија за телевизиска уметност и наука, Адам Шарп, одговори на ова писмо велејќи дека „Не бил во можност да ги потврди овие тврдења, како и дека до ден денес не е во можност да изнесе какви било докази за активен ангажман на Овда во организацијата „PFLP“.



Спонзорирани линкови

Маркетинг