Градот Париз ќе донесе одлука со која практично ќе се забрани тестирањето на летечките такси за време на Олимписките игри, кои започнуваат на крајот на јули во француската престолнина.
Претходно, националната влада и даде дозвола на германската компанија "Volocopter" да го тестира своето летечко возило користејќи пловечка платформа за полетување и слетување на реката Сена. Сега градскиот комесар за животна средина Ден Лерт објави дека градските власти го прифатиле барањето на локалниот огранок на Комунистичката партија да го спречат тестирањето на летечките автомобили, пишува "Deutsche Welle".
„Летечките такси се еколошки апсурд наменет за ултра богатите“, вели Лерт, политичар од Партијата на зелените. Тој го нарече „демократски скандал“ тоа што централните власти „насилно“ му наметнуваат вакви проекти на Париз.
Лерт изјави дека еден лет во такво такси – кое функционира практично како голем дрон на батерии – троши триесет пати повеќе енергија отколку возењето во метро и додаде дека испушта 45 пати повеќе штетни гасови. Никој од германскиот "Volocopter" сè уште не ја коментирал одлуката на градот Париз, пренесува "AFP".
Француската влада пред неколку дена даде зелено светло за „таксидром“ во близина на железничката станица во Париз Аустерлиц во центарот на градот, недалеку од Ботаничката градина и катедралата Нотр Дам. Надвор од центарот на градот веќе има неколку такви области за полетување и слетување.
Трка за првиот комерцијален лет
Според дозволата издадена од Владата, дозволено е да се вршат само бесплатни летови како демонстрација за тоа што можат да направат овие авиони. Сè уште не се дозволени комерцијални летови. Но, Париз несомнено би бил одлична реклама за "Volocopter" на пазарот за летечки такси каде бројни германски, кинески и американски компании се обидуваат да се „пробијат“ со своите авиони. На него моментално работат околу 150 компании ширум светот.
Во летечкото такси, кое според планираното треба да се демонстрира за време на Игрите, има место за двајца патници. Изгледа како хеликоптер со 18 мали пропелери распоредени околу неговиот покрив. Сè уште има пилот – но идејата е еден ден да добие лиценца за автономно летање.
Во февруари оваа година "Volocopter" веќе доби дозвола од германската Федерална управа за авијација да започне со сериско производство на авионот. Но, "Volocopter" за влакно избегна банкрот овој јуни, откако компанијата обезбеди свежа готовина за да започне масовно производство. Се надеваат дека оваа година ќе ги направат првите комерцијални летови – покрај Париз, се споменува и Рим.