Најпознатото телевизиско трио во светот се разделува по две децении соработка.
Официјално е. Серијалот „The Grand Tour“ го дочека својот крај и нема да има повеќе продолженија. Барем не во овој состав кој, сметајќи го претходниот „Top Gear“, е заедно повеќе од две децении. Џереми Кларксон, Ричард Хамонд и Џејмс Меј го раскинуваат своето ТВ партнерство и засекогаш ја затвораат својата продукциска компанија „W. Chump and Sons“.
Како што пишува „The Daily Mail“, триото се разделува по 21 година водење на емисии како „Top Gear“ и „The Grand Tour“. Гласините од декември навестија дека претстојната специјална емисија снимена во Зимбабве ќе биде последен пат да ги видиме тројцата заедно на телевизија, а сега знаеме дека е тоа вистина.
„Одамна одлучивме. Единственото нешто врз кое сакавме да имаме контрола е да одлучиме кога, каде и како ќе слетаме“, рече Ричард Хамонд во изјавата претходно оваа година.
Заедно од 2002 година
Кларксон и Хамонд станаа водители на „BBC Top Gear“ во 2002 година, а Џејмс Меј две сезони подоцна го замени првобитниот трет водител, Џејсон Доу. По 13 години снимање на „Top Gear“, „BBC“ не ги обнови договорите. Триото остана заедно и се обиде да ја најде среќата снимајќи го серијалот „The Grand Tour“ на „Prime Video“ од 2016 година.
Џереми Кларксон ќе продолжи со снимањето на „Clarkson's Farm“, додека Хамонд и Меј најверојатно ќе имаат свој спин-оф серијал во иднина. Меј веќе има снимено неколку емисии за патување и готвење за „Prime Video“, додека Хамонд во 2021 година имаше емисија за преживување наречена „The Great Escapists“.
Што се однесува до „The Grand Tour“, најновите гласини се дека „Prime Video“ може да ги замени тројцата водители и да продолжи со снимање на нови сезони.