Британец купил Хонда што претходно му била украдена – а не знаел

Точка

04/05/2025

11:33

6.130

Големина на фонт

а а а

Од сите автомобили што можел да ги купи на пазарот, токму тој што му бил украден му се вратил во раце — без да биде свесен за тоа.

Животот понекогаш испишува толку неверојатни приказни што изгледаат како сцена од скриена камера. Токму тоа му се случи на Еван Валентин, Британец кој една утро открил дека неговиот омилен автомобил исчезнал од паркингот пред куќа. Станувало збор за "Honda Civic Type-R", модел од 2016 година.

Фрустриран и огорчен, Валентин ја споделил својата мака на "Instagram": „Некои луѓе се вистински стаорци“, напишал, повикувајќи ги следбениците да му помогнат да го најде возилото. Веднаш ја известил полицијата, прелистувал огласи, па дури и сам започнал потрага преку социјалните мрежи. Но, сите обиди биле безуспешни – автомобилот едноставно испарил без трага.


Се помирил со ситуацијата и започнал да бара ново возило. Тогаш следи пресврт кој лесно би можел да послужи како сценарио за криминална серија – пронашол „нов“ "Civic Type-R" кој му изгледал необично познат.

Иста година на производство, иста боја, па дури и ист издувен систем – кој самиот го имал вграден на неговиот поранешен автомобил. Но, бројот на шасија (VIN) бил различен, регистарските таблички други, а ни бројот на изминати километри не се совпаѓал. Сè изгледало доволно уверливо за да го купи – и навистина го сторил тоа, платил 20.000 фунти во готово.


Но, кога автомобилот пристигнал дома, сомнежите почнале да се будат. Во возилото нашол лични траги од својот секојдневен живот: стап за шатор, омоти од чоколадо „Mars“, па дури и клуч за блокада на тркалата спакуван во кеса од „Tesco“. Љубопитен, проверил и навигацијата – и таму ги нашол зачуваните адреси: неговата, на родителите и на пријателот. Тоа ја потврдило неговата сомнеж – не купил само сличен автомобил, туку токму својот – украдениот.

За целосна потврда, Валентин го однел автомобилот во овластен "Honda" сервис, каде преку електронскиот контролен уред (ECU) го провериле оригиналниот "VIN" број. Резултатот бил јасен – автомобилот бил „клониран“. Крадците ги смениле видливите идентификациски податоци за да го претстават возилото како сосема друго.


Според списанието "Road & Track", полицијата ја ставила истрагата во мирување, без апсења засега, додека осигурителната компанија разгледува како да се реши оваа правна и осигурителна компликација.

И покрај тоа што правната битка сè уште трае, Еван Валентин не го крие задоволството – неговиот омилен "Type-R" повторно е со него, дури и по цена да го плати двапати.