Во време кога речиси сите производители преминуваат на електричен погон, ваков потег од Кина претставува вистинско изненадување.
Додека глобалниот автомобилски пазар сè повеќе се насочува кон електрични возила, кинескиот производител "Great Wall Motors" (GWM) реши да не се откаже од моторите со внатрешно согорување – и тоа не од било каков.
"GWM" токму што го претстави целосно новиот 4.0-литарски "V8" мотор со два турбополначи, наменет за луксузни "SUV" и пикап модели.
Според информациите на "WhichCar", моторот користи двоен систем за вбризгување гориво, две маслени пумпи и може да достигне до 8.000 вртежи во минута.
Станува збор за дел од "plug-in" хибриден погонски систем, што значи дека помеѓу моторот и менувачот има и електромотор, кој овозможува возење исклучиво на струја.
Прв модел што ќе го користи овој мотор ќе биде луксузниот "SUV Tank 300", но се очекува овој погонски склоп да биде вграден и во други моќни модели на "GWM" во иднина.
Сè уште не е потврдена вкупната комбинирана моќност на овој систем, но се најавуваат повеќе технички детали во блиска иднина.
Во ерата кога речиси сите производители се насочени кон струјата, ваков потег од Кина не претставува само изненадување, туку и јасен сигнал дека борбата со западните автомобилски гиганти се проширува и на други фронтови – не само електричниот.