[ВИДЕО] Ова „Maserati“ од 750 коњски сили изгледа како Бетмобил

Точка

16/05/2024

20:13

7.264

Големина на фонт

а а а

„Mansory“ ја покажа својата најнова креација за „Maserati MC20“ која неодоливо потсетува на Бетмобилот.

Славниот тјунер објави дека „MCX Pergusa‘ е достапен во ограничен број, односно само пет примероци, што покажува колкаво внимание посветиле на овој дизајн бидејќи е уште поексклузивен во однос на претходните проекти.

Новитет се карбонските делови на каросеријата, промени во ентериерот и подобрување на погонот. И можеби овој модел потсетува на „Mansory MC20 Widebody“, но оваа верзија има нов вентилациски отвор, нешто поинаква аеродинамика со веќе познатата каросерија.

„MCX“ има поголеми вовлекувачи на воздух на предниот дел од возилото, бројни вентилациски отвори на хаубата и браници, а профилот открива и 21-инчни предни и 22-инчни задни бандажи. Тука се и пошироките браници, поголемите вовлекувачи за ладење и масивните прагови.

Од задната страна има големо крило, капакот на моторот има дополнителни вентилациски отвори и има двоен дифузер со четири ауспуси.

Според традицијата на „Mansory“, ентериерот може да се прилагоди по вкусот на купувачот. Претставениот примерок има портокалово-црни навлаки, безбедносните појаси во портокалова боја и на себе го имаат логото на „Mansory“, а златни детали ја красат централната конзола заедно со уште карбонски додатоци.

Импресивни 750 коњски сили и забрзување до стотка за 2,6 секунди

Што се однесува до техникалиите, „Mansory“ малку забави со електрониката на моторот и вгради свој издувен состав со високи перформанси. Сега 3.0-литарскиот „V6 twin-turbo“ мотор развива импресивни 750 коњски сили и 880 Nm вртежен момент.

Тоа е значајно зголемување од 120 коњски сили и 150 Nm повеќе во однос на стандардниот „Masrtati MC20“.

„MCX“ забрзува од 0 до 100 км/ч за 2.6 секунди, што значи дека до стотка му се потребни 0,3 секунди помалку во однос на стандардниот модел. Максималната брзина е зголемена за 10 км/ч за 335 км/ч.

Цената за тие пет ексклузивни примероци не е позната.




Спонзорирани линкови

Маркетинг