Цвеклото е коренест зеленчук познат по бројните здравствени придобивки. Познат е по впечатливата боја и земјениот вкус, а сè повеќе експерти тврдат дека треба почесто да го консумираме во исхраната.
Една од нив е и нутриционистката Аркана Батра која издвоила неколку причини зошто цвеклото треба да се најде на нашето мени.
Богато е со антиоксиданти
Цвеклото е моќен извор на антиоксиданти, вклучувајќи беталаини и бетацијанин, кои помагаат во борбата против оксидативниот стрес и ги неутрализираат слободните радикали во телото. Овие соединенија играат клучна улога во намалувањето на ризикот од хронични болести.
„Покрај тоа, цвеклото е полно со хранливи материи како што се протеини, бакар, магнезиум, јаглехидрати, влакна, железо и витамин Ц“, објаснува нутриционистката.
Цвеклото e нискокалоричен зеленчук
За сите оние кои внимаваат на внесот на калории и сакаат да ослабат, цвеклото е одличен додаток во нивната исхрана. Цвеклото не содржи многу калории, што го прави одлична намирница која можете да ја вклучите во исхраната, пренесува „Health Shots“.
Го подобрува нивото на енергија
Цвеклото е природен извор на хранливи материи кои ја зголемуваат енергијата, вклучувајќи јаглехидрати, железо и витамин Ц.
Овие хранливи материи помагаат да се надополнат резервите на енергија и да се изборат со уморот, што го прави овој зеленчук одличен избор за оние кои сакаат да го подигнат нивото на енергија на природен начин.
Консумацијата на цвекло влијае на анемијата
Анемијата е предизвикана од недостаток на црвени крвни зрнца или хемоглобин во крвта. Оваа состојба може да доведе до умор, слабост и други здравствени проблеми. Ако страдате од анемија, можеби треба почесто да јадете цвекло.
Овој зеленчук е богат со железо и фолна киселина, есенцијални хранливи материи за производство на црвени крвни зрнца, што го прави одличен додаток во исхраната за превенција и лекување на анемија, пренесува „Health Shots“.
Има антиинфламаторни својства
Хроничното воспаление е поврзано со бројни здравствени состојби, вклучувајќи срцеви заболувања, артритис и рак.
Нутриционистот Батра истакнува дека „антиинфламаторните својства на цвеклото помагаат да се намали воспалението во телото, потенцијално намалувајќи го ризикот од развој на овие состојби“.
Влијае на здравјето на мозокот
Според „Health Shots“, нитратите во цвеклото го подобруваат протокот на крв во мозокот, што може да ја подобри когнитивната функција и да го одложи когнитивниот пад поврзан со стареењето. Исто така, антиоксидантите во цвеклото помагаат во заштитата на мозочните клетки од оксидативен стрес.
Позитивно влијае на здравјето на цревата
Содржината на влакна во цвеклото го поддржува дигестивното здравје преку поттикнување на редовната столица и спречување констипација.
Присуството на нитрати во исхраната може да го поттикне растот на корисни бактерии во цревата, поддржувајќи здрав микробиом и целокупната функција на цревата.