Диететичарите откриле што се случува со телото доколку консумираме премногу шеќер

Точка

07/12/2023

21:03

6.192

Големина на фонт

а а а

Сите знаеме дека храната полна со шеќер е лоша за нас, особено доколку се консумира често и во преголеми количини. Ова сознание не го менува фактот дека многу луѓе и онака јадат премногу шеќер без притоа да размислуваат како тоа влијае на нивното тело.

Препорачаниот дневен внес на шеќер за жените е 25 грама, додека за мажите е 36 грама или 10% од дневните калории, посочува „American Heart Association“.


Пречесто во телото на дневна база внесуваме многу повеќе шеќер, како преку храната така и преку пијалаците.

Група диететичари за порталот „Eat This, Not That“ откриле што се случува со телото доколку консумираме премногу шеќер.

Покачување на шеќерот во крвта

Јаглехидратите, вклучително и шеќерот, брзо се варат и ослободуваат во крвотокот. Бидејќи шеќерите се едни од најмалите молекули на јаглехидрати, не им треба долго време за да влезат во крвотокот и предизвикуваат зголемување на шеќерот во крвта. Зголемената консумација на шеќерот во исхраната може да доведе до зголемување на шеќерот во крвта со текот на времето, што создава ризик од развој на состојби како што се дијабетес тип 2, срцеви заболувања, висок крвен притисок и ризик од мозочен удар.

Зголемување на крвниот притисок

Високиот шеќер во крвта често се поврзува со висок крвен притисок. Овој проблем неретко се забележува во квалитетот на исхраната кога се внесува премногу шеќер, а не се консумира друга здрава храна. Не постои рамнотежа помеѓу здравата и нездравата храна, што доведува до зголемување на шеќерот во крвта, а со тоа и на самиот крвен притисок.


Поголема изложеност на ризик од срцеви заболувања

Шеќерот може да го зголеми ризикот од срцеви заболувања со создавање микроабразии во артериите. Со текот на времето, овие ситни гребнатинки можат да „фатат“ честички како холестерол кои можат да се заглават и да се наталожат. Сето ова може да предизвика атеросклероза, која е главен фактор на ризик за срцеви заболувања, висок холестерол и висок крвен притисок.

Насобирање на вишок маснотии во црниот дроб

Во контекст на калориски вишок, шеќерот се вари и се складира како телесна маст. Вишокот на телесните масти е поврзан со зголемени наслаги на замастен црн дроб, исто така познат како безалкохолна масна болест на црниот дроб. Оваа болест е поврзана со неколку здравствени проблеми, кои можат да ве изложат на поголем ризик од дијабетес, висок крвен притисок и срцеви заболувања.


Хормонални промени

Состојбите поврзани со хормони, како што е синдромот на полицистични јајници, може да бидат под влијание на исхраната и изборот на начин на живот. Диететичарката Бес Бергер работи со жени кои страдаат од проблеми со шеќерот во крвта и истакнува дека умерениот внес на шеќер во крвта може многу да го подобри балансот на хормоните во телото.

Промени во менталното здравје

Прекумерното внесување шеќер е поврзано и со негативните ефекти врз расположението и менталното здравје. По вишокот енергија која доаѓа со внесот на шеќер, доаѓа до нагло опаѓање на енергијата и чувство на раздразливост, замор и тага.


Опасност од прекумерна тежина

Прекумерното внесување на шеќер, особено ако доаѓа од засладени пијалаци, е поврзано со поголема телесна тежина и веројатност за дебелеење. Тоа значи дека сите оние кои често пијат сокови се изложени на ризик од прекумерна тежина, што ќе влијае на нивното здравје.