Сите се запознаени со талентот на пејачот и текстописец Фреди Меркјури, кој на денешен ден, 24-ти ноември 1991 година почина од пневмонија, која се појавила како последица на сидата со која се борел.
Тој беше фронтмен на еден од најголемите бендови во светот „Queen“, а имаше само 45 години кога почина.
Иако се знае многу за неговиот живот, кој беше прикажан и во филмот „Bohemian Rhapsody“, сепак постојат факти кои малкумина ги знаат! Вистинското име на музичарот со неповторлив стил на пеење е Фарох Булсара, а роден е во Занзибар на 5-ти септември 1946 година, во индиско семејство. Денес Фреди би имал 77 години.
Фреди бил исклучителен боксер
На училиште во Индија, младиот Фреди Меркјури бил одличен пинг-понг играч. Тој уживал да гледа Вимблдон, а во слободно време и самиот играл тенис. Тој исто така сакал да гледа рагби, но не бил особено заинтересиран за фудбал и крикет.
„Ги мразев трчањето на долги патеки и крикетот, бев потполно бескорисен и во двете. Но, можев да спринтам, бев добар во хокеј и едноставно бев брилијантен во боксерскиот ринг“, изјавил Фреди во една прилика, пренесува „uDiscoverMusic“.
Неговото чувство за мода ги плашело неговите родители
Како студент на колеџот за уметност „Ealing“, Меркјури почнал да експериментира со различни изгледи, но тоа не поминало добро кај неговите родители.
„Моите родители беа бесни кога им кажав што правам“, се присетил тој во една прилика.
„Повремено се појавував дома во оваа нечуена облека, со лакирани црни нокти, а мајка ми тогаш полудуваше. Ми велеа: ‘Боже, не дозволувај соседите да те видат, влегувај од задната врата!’“.
Тој го дизајнирал логото на „Queen“
Дипломата од областа на графички дизајн била корисна за Меркјури, бидејќи тој го дизајнирал логото за бендот „Queen“.
„Одлучивме групата да ја наречеме „Queen“ и јас го дизајнирав логото. Едноставно ги искомбинирав сите суштества што ги претставуваат нашите ѕвездени знаци (два лава за Дон и Роџер, рак за Брајан и две вили за девицата Фреди)... а јас дури и не верувам во астрологија!“.
Не му било потребно многу сон и често имал кошмари
И покрај неговиот енергичен професионален и приватен живот, и многуте забави кои ги организирал и посетувал, Фреди велел дека може да живее со многу малку сон.
„Можам долго време без сон, таква е мојата природа. Можам да издржам само со 2 или 3 часа спиење навечер. Не знам што е тоа, но вистина е. Понекогаш ми се доволни 20 минути во авион за да ги наполнам батериите и повторно сум буден“.
И покрај тоа, зборувал дека често има кошмари.
„Многу често имам ужасни кошмари. Непосредно пред еден настап сонував дека излегов на балконот и паднав врз толпа луѓе на тротоарот. Се разбудив скаменет“, раскажал Фреди во една прилика.
Малите авиони го плашеле
„Queen“ го обиколи светот со своите 13 турнеи, но на Меркјури не му се допаднало кога морал да лета низ Јужна Америка со мал авион.
„Бев преплашен, не сакам да летам во ништо помало од џамбо џет, а ова нешто во кое влеговме беше толку мало. Ми рекоа дека фотографите ќе нè чекаат кога ќе слетаме, па не смеев да им покажам колку сум исплашен. Моите зглобови останаа бели од стискањето на потпирачите за раце. Но, кога стигнавме таму, излегов со насмевка на лицето, како тоа да го правам секој ден“, изјавил легендарниот пејач кој зад себе остави бројни безвременски хитови.