Во петокот во Лас Вегас, бендот „U2“ го одржа првиот од 25-те концерти кои ќе се одржуваат во овој град сè до декември.
Станува збор за проектот „U2:UV Achtung Baby Live at Sphere“ во склоп на кој познатиот бенд 3 месеци ќе настапува во уникатната сала „Sphere“ чиј екстериер и ентериер се составени од екрани.
Футуристичката конструкција на салата е обликувана како планета, а впечатокот го засилува ласерското шоу кое се одвива во текот на концертот. Видеата од концертот кој американските медиуми денеска го нарекуваат „вонтелесно искуство“ ги преплавија социјалните мрежи. Бројните визуелни атракции изгледаат надреално, а во еден момент на екраните се појавил и ликот на Елвис Присли.
„U2“ нема одржано настап цели 4 години, па интересот за концертите во Лас Вегас е исклучително голем. На концертите гостуваат бројни познати имиња како Сер Пол Макартни, Др. Дре, Снуп Дог, Џон Хем и Брајан Кранстон.