Вчера во 22:15 часот на телевизија „Телма“ премиерно се прикажуваше документарниот филм „Добри луѓе“ на Милчо Манчевски. Некои приказни едноставно не се гледаат само со очи. Се чувствуваат. А „Добри луѓе“ е токму таква приказна.
Документарниот филм на Манчевски низ сведоштвата на преживеаните ја враќа публиката во една од најцрните ноќи за Македонија – ноќта кога во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани животите ги загубија 63 млади луѓе.
Пред камера зборуваат оние кои биле таму. Луѓе кои се бореле за живот, кои буквално гореле, кои пред своите очи гледале како засекогаш ги губат другарите, блиските и познаниците. Луѓе кои допирале тела без пулс, кои влечеле луѓе надвор, додека кожата им се распаѓала во рацете, и кои слушнале вресоци и крици што, како што сведочат, ќе ги прогонуваат до крајот на животот.
Особено тешки се сведоштвата на младите луѓе чии очи таа ноќ виделе хорор кој остава трага засекогаш.
Но, токму среде најголемата трагедија, филмот открива и нешто друго – човечноста.
Луѓе кои успеале да излезат од дискотеката се враќале назад. Некои по два, три, па и пет пати. Влегувале повторно во пламенот, ризикувајќи ги сопствените животи, само за да спасат некого.
Прскале со црева, ги качувале повредените на раменици, ги извлекувале надвор и ги охрабрувале да издржат.
Токму ваквите сведоштва се с'ржта на „Добри луѓе“ – приказна за луѓе кои во најстрашниот момент покажале неверојатна храброст и емпатија, но и приказна за разочарувањето, беспомошноста и прашањата кои останаа да висат во воздухот.

Едно од сведоштвата што особено вознемирува е она за полициска службеничка која, според кажувањето на сведокот, само ги скрстила рацете, без да се обиде да помогне.
Сите овие приказни се поткрепени со снимки од пожарот, а со внимателната монтажа Манчевски повторно успева да создаде силна филмска приказна која не остава рамнодушен.
За жал, овојпат станува збор за приказна која сите би посакале никогаш да не постоеше.
Приказна која Македонија ќе ја носи со себе долго.

Приказна за 63 млади животи кои прерано згаснаа. За родители кои преку ноќ останаа без своите деца. За семејства кои продолжуваат да живеат со празнина што не може да се пополни со ништо. За луѓе кои, како што се гледа и во филмот, се обидуваат да најдат начин да продолжат понатаму, иако дел од нив засекогаш останал во таа ноќ.
ИнаМногуФина вели:
„Го изгледав документарецот на Милчо, сега беше на Телма. Тоа не е само тажно, тоа е страшно.

Сакам да знам дали таа џандарката што го пипнала девојчето што барало помош и се тргнала на страна со скрстени раце е опфатена со истрагата?
Земав се распаднав, плачат они, плачам јас, па на крај и Новоградска ме дотепа со едно виолончело, седам сега вака и не знам како да се понашам.
Гледајте го, „Добри луѓе“ се вика. За оние добрите што спасуваа во Кочани“.

Дарко Лешоски кратко сподели:
“…Па, да се деси - па ќе се врнам и ќе улезам! Мои другари, први братучеди унатре… шо ќе ми живото мене после ако не се врнам?! Шо??”
Серцето да ти се скинит напола…“.










