Милијардерот и поранешен шеф на Формула 1, Берни Еклстон, бил приведен на еден португалски аеродром поради незаконско носење сачмарка, а неколку часа подоцна бил пуштен на слобода.
Се наведува дека 95-годишниот Еклстон бил задржан на аеродромот Тирес, во општината Кашкаиш, недалеку од Лисабон, откако таму слетал со својот приватен авион, пишува „Мирор“.
Се верува дека полицијата на аеродромот, која е дел од португалските полициски сили ПСП, го уапсила за време на „рутинска операција“. Оружјето што Еклстон наводно го носел, локалните медиуми го опишале како сачмарка.

Во разговор со „Дејли мејл“, Еклстон признал дека оружјето го донел од Швајцарија и дека било наменето за гаѓање глинени гулаби како и дека таму има дозволи за оружјето што го користи за таа намена.
„Ме прашаа дали имам сина книшка, што, како што ми објаснија е документацијата што ви е потребна, а јас им реков дека никогаш не патувам со такви документи, практично со никакви документи“, изјавил Еклстон за британскиот весник.
„Ми рекоа дека ќе ме уапсат, но откако ми се чинеше дека поминаа неколку часа, успеавме да ја решиме работата, иако цело време беше многу непријатно“, додавајќи дека неговата сопруга Фабијана отпатувала во Лисабон за да ја предаде пушката или да обезбеди соодветна дозвола.

Во мај 2022 година тој бил уапсен во Бразил поради незаконско носење оружје додека се качувал во приватен авион. Признал дека е сопственик на пиштолот, но тогаш изјавил дека не знаел дека оружјето се наоѓа во неговиот багаж.
Еклстон бил пуштен на слобода и му било дозволено да отпатува во Швајцарија откако платил кауција. Подоцна инцидентот го опишал како „глупав, ситен настан“, велејќи дека предизвикал многу непријатности додека тој и неговото семејство се обидувале да го напуштат Сао Паоло со приватен авион.
Тој, исто така, негирал дека бил формално уапсен и покрај тоа што Канцеларијата за јавна безбедност на сојузната држава Сао Паоло во соопштение потврдила дека бизнисменот, чие име не било наведено, бил уапсен поради поседување огнено оружје на аеродромот во Кампинас.









