Одлуката за новиот Џејмс Бонд е веќе донесена, тврди актерот Гери Олдман. Иако името сè уште не е официјално објавено, Олдман рекол дека потесниот круг кандидати бил утврден и дека изборот е завршен.
По повеќемесечните шпекулации во кои се споменуваа имиња како Џејкоб Елорди, Калум Тарнер, Харис Дикинсон и Арон Тејлор-Џонсон, се чини дека потрагата по наследникот на Даниел Крег е завршена.
Олдман: Одлуката е веќе донесена
Олдман во разговор за канадскиот „Глобал“ открил дека се надевал оти улогата на агентот 007 ќе ја добие Џек Лоуден, неговиот колега од серијата „Slow Horses“. Со тоа потврдил дека и Лоуден бил еден од сериозните кандидати.
„Наводно е во потесниот избор. Наскоро ќе дознаеме, нели? Бидејќи веќе го избраа. Ја донесоа одлуката, само сè уште не ја објавиле. Затоа навивам за Џек“, изјавил Олдман.
Актерот не појаснил дали со тоа открил дека токму Лоуден ја добил улогата или таа му припаднала на некој друг кој бил на аудиција во студиото „Амазон МГМ“.

Критериуми за наследникот на Даниел Крег
Кој и да е избран, морал да ги исполни специфичните критериуми на кастинг-директорката Нина Голд. Таа за „Дедлајн“ изјавила дека актерот кој ќе го отелотвори Бонд мора да „зрачи со сексапил“. Своето мислење го изнела и Деби Меквилијамс, која ги избирала актерите за последните три филма за Бонд.

Меквилијамс сака улогата да му припадне на „целосно изненадување“ и смета дека е клучно Бонд да остане „целосна енигма“. Таа категорично ја отфрлила можноста улогата да ја добие некој од актерите за кои моментално се шпекулира. „Не сакам да видам ниту еден од нив во улогата на Џејмс Бонд“, изјавила таа.
„Сакаме некој кој се појавил од никаде“
За „Индепендент“ дополнително ја објаснила својата визија. „Сакаме да знаеме што е можно помалку за нивниот приватен живот, бидејќи тоа е суштината на еден шпион. Не мора да знаеме каде купуваат, кои им се родителите или каде живеат. Никогаш не сакаме да го видиме во домашно опкружување“, објаснила Меквилијамс.
„Клучен елемент на приказната е неговата работа. Тој има дозвола за убивање и мора да веруваме дека е способен да го направи тоа. Ако публиката не поверува во тоа, сте ја изгубиле“, додала таа.

Меквилијамс се осврнала и на претходните актери како Тимоти Далтон, Пирс Броснан и Даниел Крег. „Тимоти и Пирс не беа особено познати кога ја добија улогата. Даниел имаше кариера во независни филмови и прилично бурен љубовен живот, но не беше глобално познато име, што многу нѝ помогна“, изјавила таа и повторила дека за следниот филм сака „некој кој се појавил од никаде“.










