Македонската музичка ѕвезда Каролина Гочева уште еднаш покажа зошто со години важи за една од најпрепознатливите дами на домашната сцена.
На големиот концерт одржан на Градскиот плоштад во Скопје по повод одбележувањето на 35 години независност на Македонија, таа пленеше со својот глас, но и со впечатливата модна комбинација.
Каролина настапи рамо до рамо со светски познатиот тенор Хозе Карерас, создавајќи музички момент кој привлече големо внимание кај публиката. Нејзината елеганција дополнително дојде до израз преку впечатливата бела тоалета со потпис на македонскиот дизајнер Марков.
Станува збор за долг фустан со слим линија, кој суптилно ја следи силуетата, надополнет со кратка наметка со нагласени раменици. Посебен акцент на целокупниот изглед даваат везовите од кристали во златни мотиви, кои на сцената создаваа впечатлив ефект и ѝ дадоа дополнителна доза на гламур.

За стајлингот се погрижи Јована Зука, која се одлучи за едноставен и природен мејк-ап, додека фризурата во холивудски стил совршено се вклопи во целата комбинација.
Во белата креација, со минималистички, но ефектен изглед, Каролина изгледаше како вистинска сценска дива. Нејзината појава, во комбинација со моќниот вокал и специјалниот настап со Карерас, беа меѓу моментите кои ја одбележаа свечената прослава.
Каролина и овојпат покажа дека за впечатлив сценски изглед не се потребни премногу детали – доволни се добро осмислената креација, префинетиот стајлинг и самодовербата што таа несомнено ја носи со себе.
















