Тамара Тодевска за првпат јавно откри зошто завршила една нејзина љубовна врска. Поп-пејачката беше гостинка во „Полиграф“ кај Стефанатор, каде што без многу воздржување одговараше на низа директни прашања поврзани со нејзиниот приватен живот, но и со нејзината музика и новиот визуелен албум „Кукла жива“.
Во искрениот разговор, Тамара откри и досега непознат детаљ од својот љубовен живот. Пејачката потврди дека една од нејзините емотивни врски завршила поради религиозни разлики, откритие кое досега не го споделила јавно.
Без да навлегува во премногу детали, Тамара со својот одговор стави до знаење дека различните погледи кон верата и религијата биле причина поради која една љубовна приказна не успеала да продолжи.
„Дали е точно дека една твоја љубовна врска завршила поради религиозни причини?“, ја праша Стефанатор.
„Да, точно е. Не би навлегувала во детали, затоа што не сум само јас во приказната, има и други луѓе. Но, никогаш религиозната определба не ми била проблем, ниту верата, ниту националноста кога е љубовта во прашање. Кога има љубов, мислам дека сè може да се победи“, одговори Тамара.
Покрај приватните теми, во разговорот таа зборуваше и за својата актуелна музичка фаза и за „Кукла жива“ – проект со кој повторно ја покажува својата препознатлива автентичност и подготвеност да отвора лични и искрени теми преку музиката.
Кога Стефанатор побара поконкретна бројка, пејачката откри дека станува збор за сума од околу 120.000 евра.

„Па, над 100… да речеме 120.000 евра“, откри таа.
Особено емотивен бил моментот на снимањето на спотот за песната „Гориш“. Тамара потврди дека Сергеј Варошлија ја расплакал за време на снимањето. Сепак, не сакаше да открие што точно ѝ кажал, туку само објасни дека неговите зборови силно ја погодиле.
„Ми кажа нешто што е многу вистинито и ме погоди како шамар. А токму тоа и се бараше, таа емоција се бараше во тој спот. Некако, од сите песни, оваа ја доживувам многу емотивно и буквално изби многу од мене во тој момент додека снимавме“, раскажа пејачката.
Како што откри Тамара, видеото било снимено со минимален број обиди, бидејќи идејата била целата сцена да се изведе во еден кадар и емоцијата да се пренесе непрекинато, од првата до последната секунда.

„Имавме само два или три обиди, немавме 10 или 15. Бидејќи спотот е во еден кадар, требаше од почеток до крај да се даде емоцијата. Мислам дека без Сергеј и без таа ситуација немаше да биде тоа што е. Му благодарам за тоа“, рече Тамара.
Гостувањето во „Полиграф“ донесе едно поинакво лице на Тамара – отворена, директна и подготвена да зборува и за оние делови од приватниот живот за кои досега ретко се огласувала.















