За сите заљубени парови и љубители на романси, заљубување и среќни и несреќни драмски приказни, но и оние неверојатни љубови за сите времиња – кои се случуваат веројатно само на филмското платно, ви препорачуваме 3 безвременски филмови кои треба да ги погледнете.
1. „You’ve Got Mail“ (1998)
Кетлин Кели поседува мала книжарница специјализирана за книги за деца. Книжарницата е одамна основана од нејзината покојна мајка. Кетлин живее со своето момче, угледниот новинар Френк, но нивната врска одамна е прерасната во рутина. Нејзината најнова симпатија е непознатиот маж од Интернет, кого го познава само по прекарот. Зад прекарот стои Џо Фокс, синот на сопственикот на ланецот книжарници „Фокс“, кој наскоро ќе отвори една од неговите големи филијали веднаш спроти книжарницата на Кетлин. Џо и Кетлин се среќаваат во реалниот живот и стануваат жестоки деловни конкуренти, не знаејќи дека истовремено се заљубиле еден во друг преку Интернет …
2. „Pride & Prejudice“
Сестрите Бенет се воспитувани од нивната мајка со животното мото дека најважно е да се најде сопруг. Сепак, Лиза, втората најстара ќерка, има најмалку 100 причини зошто не сака да се омажи.
Г-ѓа Бенет дознава дека извесен богат ерген ќе го помине летото во резиденцијата која е во близина на нивниот дом, и таа едвај чека да види дали тој ќе биде вистинскиот за една од нејзините ќерки. Учтивиот дојденец, Чарлс Бингли, веднаш се зближува со најстарата Џејн. Но, кога Лизи ќе го запознае згодниот и размазен Дарси, речиси совршениот пар набргу е растргнат помеѓу гордоста и предрасудите.
3. „The Notebook“
Во 1940-тите, една млада девојка доаѓа во крајбрежниот град Сибрук, Северна Каролина, како би го поминала летото со своето семејство. Сè уште тинејџерка, Ели Хамилтон го запознава локалното момче Ноа Калоу на карневалот. Ноа некако чувствува дека тој и Ели треба да бидат заедно, иако работи во мелница и припаѓа на пониската класа. За време на едно страсно и опуштено лето на југот, тие се заљубуваат еден во друг. Започнува Втората светска војна и младиот пар мора да се раздели.
Меѓутоа, и двајцата се прогонувани од сеќавањата. Кога Ноа се враќа од војната, Ели веќе е исчезната од неговиот живот, но не и од неговото срце. Таа е вратена во Сибрук, местото каде првпат се сретнале и започнало сè. Но, сега таа е верена и треба да се омажи за Лон, војник кој го запознала додека работела како волонтерка во болницата.
Кога станува збор за романтични филмови, никогаш не е погрешно време за да ги гледате. Наменети се исклучиво за релаксација, уживање и имагинација. Сместете се удобно до вашата сакана личност, подгответе пуканки и дозволете да се препуштите на емоциите, воодушевени од овие фантастични сценарија. Нема да останете рамнодушни!