Ако се двоумите за можностите на кинеската автомобилска индустрија, овој модел ќе ги разубеди дури и оние најголемите скептици.
Покрај овој модел слободно заборавате на сите технологии со кои се фалат премиум претставниците од Западот, како германските гордости „Audi“, „BMW“ и „Mercedes“, а и „Tesla“ и „Ravian“ од кои сите многу очекуваат. „BYD 38 Premium Edition“ ги засени сите и влезе на светската сцена како вистински „game changer“.
Можеби најслабата алка е дизајнот на возилото. Не затоа што изгледа лошо, напротив, изгледа одлично, но премногу потсетува на последниот „Defender“. Секако, тука станува збор за поголемо возило поставено на 22-инчни бандажи.
Погледот внатре веќе открива дека ова е буквално НЛО за заспаната западна конкуренција. Од една страна нуди „Nappa“ кожа и благородно дрво, а од друга страна повеќе екрани отколку што има во просечно домаќинство. Возачот и со-возачот имаат 23.6-инчен екран, 12,8-инчен екран има во средината, а позади има уште два во потпирачите за глава, и еден меѓу патниците во потпирачот за раце.
Кинезите се дарежливи, па како „Rolls-Royce“ нудат ѕвездено небо во кровот (прозор на кровот), hi-fi аудиосостав „Dynaudio Evidence Series“ со 22 звучници, но и три безжични полначи и фрижидер. А сè уште не сме ја спомнале технологијата со која располага овој огромен „SUV“.
Нема слаби точки ни во поглед на погонот. Има четири електромотори, а синергетскиот ефект е дури 1.200 коњски сили. Поради тоа овој ѕвер до 100 км/ч доаѓа за само 3,6 секунди и постигнува лимитирани 200 км/ч. Единствена слаба точка е полнењето, па така максимално поддржува сила на полнач од 110 kW. „BYD“ вели дека батеријата може да се наполни од 30% на 80% за само 18 минути. Тоа е така поради вградената помала батерија со капацитет од 49 kWh, но и бензинскиот 2.0 турбомотор, што значи дека ова е плаг-ин хибрид.
А неговиот погон може да работи во контра насока со сила до 6 kW кога со струја по потреба „се храни“ семејна куќа повеќе од 24 часа. За кампување да не зборуваме. Да додадеме дека теренските можности според ветувањата на произведувачот се подобри и од „Mercedes G класа“. Електричниот досег е 180 километри, а вкупниот со 75 литри бензин е преку 1.000 километри.
Четирите независни мотори значат дека е можен и маневар „tank turn“ со вртење околу вертикална оска во место. Овој „SUV“ не се плаши ни да плива, бидејќи поплавен „држи“ цели половина час. Нема да застане ни ако пукне една гума.
Конечно, има 38 сензори меѓу кои три „LiDar“, пет радари, 14 ултразвучни сензори и 16 камери. Погодувате, сите состави за асистенција се вклучени, па и автоматизираното управување. Во иднина ќе нуди и целосно автономно управување на автопат.
И внимавајте на ова. Овој модел, со сè наброено, чини околу 140.000 евра. За оваа цена послабо опремената конкуренција дава основни модели.