Познатиот рокер Даниел Естрин (41) соопшти дека боледува од рак. Фронтменот на „Voyager“ се огласи на социјалните мрежи каде порача дека европската турнеја на овој бенд ќе се одложи до октомври 2024 година.
„Минатата недела добив вест која ми го промени животот, дијагностициран ми е вид рак кој бара итно лекување“, порачал Естрин кој го нарекуваат „австралискиот бог на рок музиката“.
Тој напоменал дека е очаен поради откажување на европската турнеја особено по многу успешната евровизиска година.
„Лекарите строго ми наредија ова да не го сфаќам несеризно, да го ставам своето здравје на прво место и да се изборам со истото за да можеме повторно да бидеме на сцената. Ова беше исклучително тешка одлука, но се надеваме дека сите ќе ја разберете“, додал музичарот.
Бендот „Voyager“ е основан во 1999 година во Перт, а на овогодишната Евровизија во Ливерпул го освои 9-то место.
Како се поврзува Естрин со Новак Ѓоковиќ?
Пејачот на австралиската група по занимање е адвокат, а се занимава со миграции. Српскиот тенисер, Новак Ѓоковиќ, минатата година беше затворен во имиграцискиот хотел во Австралија, откако му беше дозволено да допатува за да се натпреварува на Австралија Опен. Ѓоковиќ тогаш водеше правна битка со австралиските власти бидејќи му се закануваше забрана за влез поради тоа што не е вакциниран против коронавирус.
Положбата на најдобриот тенисер на светот беше тема во сите медиуми, а Естрин гостувајќи на „BBC“ зборуваше за правната положба на Ѓоковиќ, кога наведе дека Новак го има случајот во свои раце, а потоа зборуваше и за тоа дали ќе излезе пред судот.
„Се поддржува тврдењето на адвокатите на Ѓоковиќ и тие имаат добри шанси за на суд, односно дека судот ќе ја утврди грешката на надлежните. Тоа значи дека е направена правна грешка, дека одлуката за укинување на визата е ништожна и дека на Ѓоковиќ ќе му биде вратена оригиналната виза“, изјавил тогаш Даниел и навел дека Новак нема да се појави пред суд во улога на сведок, што и се случи.