„Знаеше дека не смее да го допира моето лице бидејќи тоа носи пари“: Легендарната манекенка признала дека била злоставувана од поранешниот сопруг

Точка

20/09/2023

11:00

10.655

Големина на фонт

а а а

Славната манекенка Линда Еванџелиста признала дека поранешниот сопруг Жералд Мари ја злоставувал во текот на нивниот брак кој траел од 1987 до 1993 година.

Ваквото тврдење Линда го изнела во документарната мини-серија „The Super Models“ која утре ќе биде премиерно прикажана на „Apple TV+“.

Додека траел неговиот брак со модната ѕвезда, Мари бил на чело на европскиот огранок на модната агенција „Elite Model Management“.


„Научив дека можеби бев во погрешна врска. Тоа е полесно да се каже отколку да се направи, да се излезе од насилна врска. Го разбирам тој концепт бидејќи го живеев. Знаеше дека не смее да го допира моето лице, дека не смее да го допира она што носи пари, знаете?“, раскажала Еванџелиста која неодамна се расплакала на промоцијата на својата книга во Лондон.

„Се венчав со него кога имав 22 години, а се разведов кога имав 27, ме пушти кога доби сè. Но, јас бев безбедна и добив слобода“, порачала таа.


Во 2020 година, Мари беше обвинет од страна на 7 жени за силување и сексуално злоставување, а Линда вели дека им верува на нивните тврдења и истакнала дека тие се многу храбри и силни.

„Благодарение на силата на сите тие жени кои проговорија - Бог да ги благослови сите, тоа сега ми даде храброст да зборувам. Би сакала правдата да биде задоволена, би сакала жените да знаат дека не се сами“, истакнала манекенката.

Во изјава за „Apple TV+“, Мари ги негирал ваквите обвиненија и рекол дека никогаш не сторил било какво насилство, пишува „Daily Mail“.


Еванџелиста во 2020 година, во ексклузивно интервју за „Guardian's Weekend“ изјавила дека во целост им верува на исповедите на жените насочени против нејзиниот поранешен сопруг кој 30 години бил помеѓу најмоќните фигури во светската модна индустрија.

„За време на мојата врска со Жералд Мари, не знаев ништо за тие сексуални обвиненија против него, па не можев да им помогнам на тие жени. Слушајќи ги сега и врз основа на сопствените искуства, верувам дека ја зборуваат вистината. Ми се крши срцето бидејќи тоа се рани кои можеби никогаш нема да зацелат и им се воодушевувам на храброста и силата да зборуваат денес“.

Мари, кој некогаш беше европски претседател на „Elite“, агенција за која работеа Наоми Кембел, Клаудија Шифер и Синди Крафорд, и тогаш ги негираше ваквите обвиненија.



Спонзорирани линкови

Маркетинг