Гладувал додека растел со имигрантите од југот: Како овој фудбалер ги порази оние кои не веруваа во него!

Точка

05/06/2023

20:43

4.841

Големина на фонт

а а а

Животната приказна на Златан Ибрахимовиќ ја одбележало тешко детство, но тоа не го спречило да стане еден од најдобрите фудбалери на денешницата.

Легендарниот шведски фудбалер, Златан Ибрахимовиќ објавил крај на кариерата, а во таа прилика не можел да ги скрие емоциите. Солзи на лицето на Златан, како и солзи на лицата на фудбалерите и навивачите на Милан, го одбележале збогувањето на легендата од фудбалот. Додека тие ракоплескале и го скандирале неговото име, Ибрахимовиќ се поклонил и им се заблагодарил.

Сепак, иако станал еден од најдобрите и најплатените фудбалери, Златан Ибрахимовиќ не криел дека на почетокот на кариерата многумина го оспорувале, дури и го понижувале, но дека неговиот најголем трофеј е тоа што всушност докажал дека е еден од најдобрите. Немаше кој да ми каже: „Еј, како си денес, мал Златане? Можев само да се дружам и солидаризирам со своите етнички „аутсајдери“, раскажал Ибрахимовиќ пред неколку години за „Guardian“, присетувајќи се на детството во малиот стан на 4 кат во населбата Розенгард во Малме, Шведска.


Како дете, тој имал можност да ги види сите недостатоци на толку многу фалениот шведски систем на еднаквост. Успеал да се издигне од сето тоа, да стигне од гетото до светлината на Париз. „Никој не веруваше дека можам да успеам. Сите ме озборуваа, ме нарекуваа со погани имиња. Мислеа дека ќе пропаднам, бидејќи имам „долг јазик“. Мислеа дека имам болна визија, дека нема да се оствари. Но, сонував и досонував. И еве ме овде. А тие кои ме клеветат? Сега можат да ги „проголтаат“ своите зборови. Тоа е мојот најголем трофеј“, додал Ибра.


Имал само две години кога неговите родители се развеле – татко му Шефик од Бјелина (БиХ), работел како домар, додека неговата мајка Јурка од село Пркос (Хрватска), работела по 14 часа на ден како чистачка за да го издржува Златан, неговата постара сестра Санела, неколку полубраќа и сестри, од кои едниот станал зависник од дрога.

„Бевме сиромашни. Тој собра доволно пари за да ми купи кревет од продавницата на „ИКЕА“, но немавме пари за достава. Го носевме заедно до дома. Беше фантастично. Поминував време и со мајка ми, но во принцип живеев со татко ми. Еднаш целата плата ја даде да ми го покрие патувањето во тренинг кампот. Немаше за кирија, но ми даде пари“, открил Златан, а потоа додал: „Моето детство беше многу тешко, израснав во имигрантска населба во Малме, на југот на Шведска, во средина на сиромашни имигранти од Југославија, Сомалија, Турција и Полска. Моите родители не ми помагаа многу, тие ретко покажуваа чувства. Бевме страшно сиромашни, не можевме себеси да си дозволиме ништо. Фрижидерот постојано беше празен, се сеќавам дека често бев гладен“.


Јурка била многу строга и имала обичај да го тепа Златан со дрвена лажица. Еднаш го удрила толку силно, така да лажицата се скршила, а потоа го натерала Златан да ѝ купи нова. Семејните околности придонеле Ибрахимовиќ да фрла цигли по автомобили, крадел од локалните продавници, го украл велосипедот на тренерот, по што реагирале социјалните служби и го испратиле Златан кај неговиот татко. За среќа, неговиот тогашен тренер видел голем потенцијал во него и го „зел под закрила“, по што Ибрахимовиќ се посветил на фудбалот и овие инциденти ги оставил зад себе.

Инаку, Ибра својот приватен живот го држи подалеку од љубопитните очи на јавноста, па ретко открива детали од бракот со поранешната шведска манекенка Хелена Сегер, со која ги има синовите Максимилијан и Винсент.


Интересно е што Хелена се грижи за бројните спонзорски договори на својот сопруг, а ти се запознале – верувале или не – на паркинг. „Кога го запознав Златан тој имаше 21 година, а јас 32. Имав богатство и кариера, не ми беше потребен фудбалер да ме „храни“. Бев независна. Тој дури и не беше мој тип“, изјавила Хелена пред неколку години. „Кога првпат го видов, тој ми го блокираше мерцедесот со своето ферари на паркингот во Малме. Всушност, сè што видов беше голем нос и златен часовник на раката. Бидејќи бев нерасположена, прилично грубо му свикав да го помести својот автомобил. Мислам дека тоа не му се допадна“, рекла Хелена и додала дека тоа дефинитивно не била љубов на прв поглед.


Пред неколку години се појавиле гласини дека Ибрахимовиќ наводно стапил во врска со убавата италијанска новинарка Дилета Леота, како и тоа дека ја изневерувал Хелена. Сепак, тоа никогаш не било потврдено, а славниот пар не ги коментирал овие шпекулации.

Што луѓето мислат за него, како што и самиот признал, лудиот Швеѓанец воопшто не го интересирало. Неговата психа иритира многумина, но неспорно е дека неговиот став и однесување придонеле целиот фудбалски свет да му се поклонува. „Морам да бидам бесен за да играм добро. Морам да „урлам“ и да создавам врева“, еднаш изјави Ибра. „Секогаш кога ќе ми се смири животот, ми треба акција“, потенцирал темпераментниот Ибрахимовиќ, кој е посебна личност на теренот и надвор од истиот.


Златан имал освоено национални првенства за секој тим за кој настапувал. Ниту еден друг фудбалер во историјата не го постигнал ова. Но, ретко и кој фудбалер може да се „пофали“ со такво минато како Златан. Зошто, како што и самиот тој кажал: „Можете да го извадите детето од гето, но не и гетото да го извадите од детето“.