„Audi“ откри што им е најважно при создавање на автомобилите

Точка

02/02/2023

19:31

11.077

Големина на фонт

а а а

Кога се новите автомобили во прашање, перформансите паѓаат во втор план.

Шефот за дизајн на „Audi“, Марк Лихте пред неколку дена на британските медиуми им откри бројни новости. Така за „Top Gear“ зборувал за идните „RS“ модели, но открил и како на новите модели на „Audi“ фокусот ќе биде на – внимавајте сега – ентериерот. Токму така, прво ќе се осмислува ентериерот на возилото, и тоа пред да биде дефиниран екстериерот.


Сличен пристап имаше и „Toyota“ кога ги осмислуваше „Auris“, но во „Audi“ сега на ова му додаваат нова димензија. Буквално, бидејќи на чело на развојот на последниот концепт поставен е Сид Одедра, шеф за развој на UI/UX, односно лице задолжено за креирање на сите екрани и типки во кабината, како и самата интеракција со корисникот.


„Во минатото процесот секогаш беше ист: на почетокот постоеја моторот со внатрешно согорување и платформата“, опишал Лихте. „Потоа со продажба и маркетинг се одлучуваме за двосед, четворосед или шест или седум седишта, потоа би почнале со осмислување на надворешниот дизајн и на крајот ентериерот. Иднината е всушност спротивна. И затоа Сид и неговиот оддел го ставив во центарот на нашите дизајнерски активности. Почнува во одделот на Сид и таму завршува бидејќи почнуваме да размислуваме за начинот на употреба“.


„Top Gear“ од самиот Одедра дознал дека првото прашање во креирањето на автомобилот е „кои се човечките потреби“, а потоа станува важна сконцентрираноста како срж на сè што се работи. „Што му е потребно на корисникот? Потоа го градиме интерфејсот бидејќи тоа е односот меѓу возилото и корисникот“, рекол Одедра. „И потоа го градиме ентериерот околу тоа, па потоа го градиме екстериерот“.


И токму така настанал последниот концепт на „Audi“, „Activesphere“, па не чуди што ни носи толку посебен ентериер со четири „lounge“ седишта, опционална предна арматура и сосема ново доживување со користење на специјални сетови во VR очила.




Спонзорирани линкови

Маркетинг