Жените во Америка масовно ја бришат оваа апликација, причината е загрижувачка: Како со помош на термин на менструален циклус можат да ве тужат за нелегален абортус?

Точка

28/06/2022

16:46

45.287

Големина на фонт

а а а

Многу од жените во Америка изминативе денови од своите мобилни телефони ги избришале апликациите за следење на менструалниот циклус поради страв дека податоците кои апликацијата ги собира можат да послужат како доказ против нив во државите во кои абортусот е нелегален.

Жените започнале да ги деинсталираат апликациите уште минатиот месец кога протекол нацрт од мислењето на Врховниот суд со кој било сигнализирано дека судот подготвува да ги поништи одлуките кои го гарантираат уставното право на абортус.

Нивната загриженост не е неоснована, пренесува „Гардијан“. Бројни апликации ги собираат, чуваат, а понекогаш и проследуваат податоците од корисниците.

Во државите каде абортусот е незаконски, тужителите можат да побараат информации кои се добиени од тие апликации додека го „градат“ случајот против некое физичко лице.


„Доколку сакаат да ја процесуираат жената поради илегален абортус, можат да бараат податоци од било која апликација, вклучувајќи ги и оние за следење на менструалниот циклус“, изјавила Сара Спектор, адвокат и некогашен тужител од Тексас.

Според нејзините зборови, секоја компанија има свој простор за чување податоци, како и политика на приватност за тоа како да се користат тие податоци и колку долго ги чуваат.

Апликациите за следење на менструалниот циклус се многу популарни, а податоците од 2019 година кажуваат дека ги користи секоја трета жена во Америка.

Тие апликации на жените значително им го олеснуваат животот – од планирање на семејство, до забележување на првите симптоми на некоја болест, а апликациите биле корисни и при планирање на годишен одмор.

Студија од 2019 година објавена во „British Medical Journal“ открила дека 79 отсто од здравствените апликации достапни на „Google Play“ кои се однесуваат на контролата на консумирање медикаменти и слично, редовно ги споделуваат податоците од корисниците.

Две популарни апликации за следење на менструалниот циклус во САД, „Flo“ и „Clue“, заедно имаат повеќе од 55 милиони корисници.


Од страв дека нивните податоци за доцнењето на циклусот или изостанување на истиот можат да завршат на маса кај обвинител, многу од жените во САД сметаат дека побезбедно е апликациите да ги избришат.

Мелиса (27), млада мајка од Тексас, ја избришала апликацијата поради тоа што стравувала дека кога патува нејзината држава би можела да ги искористи податоците дека менструацијата ѝ доцни.

Инаку, ова не се единствените апликации кои можат да се користат против корисникот кога станува збор за кривично гонење, предупредиле експертите.

„Google Maps на вашиот телефон исто така може лесно да се употреби против некој како и апликациите за следење на менструалниот циклус“, велат експертите.

Тие истакнуваат дека иако треба да се образуваме едни со други и да преземеме мерки на претпазливост, не е во ред одговорноста да ја ставаме само на поединци. Додаваат и дека компаниите и законодавците мораат веднаш да делуваат за да ги заштитат луѓето.


Организациите за женски права ширум светот ги предупредуваат корисниците повеќе да се грижат за своето дигитално присуство, не само кога станува збор за апликациите за следење на менструалниот циклус.

„Апликациите за следење на циклусот можат да бидат многу корисни“, вели Џонатан Лорд, британски медицински директор на невладината организација „MSI Reproductive Choices“ која нуди контрацепција и услуги на абортус во 37 земји во светот.

„Но, сите податоци можат да бидат употребени против вас“, предупредил тој.

Оваа опасност ќе остане сè додека абортусот не го третираме како секоја друга здравствена заштита – регулиран како и сите други медицински процедури, но не инкриминиран.




Спонзорирани линкови

Маркетинг