„Вакво откритие се случува еднаш во животот“: Граделе железничка пруга, па ископале „богатство“ старо 1.700 години

Точка

18/06/2026

20:28

613

Големина на фонт

а а а

За време на работите на железничката пруга меѓу Тел Авив и Хаифа, во Израел биле откриени две мермерни статуи стари околу 1.700 години, за кои се верува дека потекнуваат од грчко-римскиот период.

Некои тајни од минатото очигледно чекаат вистински момент повторно да бидат откриени пред светот. Понекогаш со векови лежат неми под слоевите земја, а потоа еден удар со лопата отвора прозорец кон време за кое сме мислеле дека е засекогаш изгубено. Токму такво откритие деновиве буквално ги остави без зборови археолозите во Израел, пренесува „Arkeonews“.

Положбата на статуите

За време на изградбата на дополнителна железничка пруга меѓу Тел Авив и Хаифа, истражувачите направиле извонредно откритие. Под земја, во близина на градот Бинјамин, откриле две мермерни статуи стари околу 1.700 години, кои прикажуваат значајни личности од грчко-римскиот свет.

Една од нив можеби дури го претставува Ликург, легендарниот основач на спартанскиот општествен поредок и една од највлијателните личности на античка Грција, пренесува „The Times of Israel“.

Статуата била откриена за време на археолошките ископувања што го следеле големиот инфраструктурен проект реализиран од Министерството за транспорт и железничката компанија Израелски железници. Целта на проектот е модернизација на крајбрежната железничка врска и овозможување побрз железнички сообраќај меѓу двата најголеми града во Израел.

Но, она што најмногу ги изненадило археолозите не била само староста на пронајдоците, туку и околностите во кои биле откриени. Тие не стоеле на своето првобитно место. Лежеле свртени со лицето надолу во собирачка јама на некогашна винска преса од римскиот и византискиот период.

„Во оваа фаза не знаеме зошто биле скриени таму. Можно е некој да сакал да ги заштити“, објаснуваат раководителите на ископувањата Елиран Орен и Авишаг Рајс од Израелската управа за антиквитети, која веста за откритието ја објави на својот официјален профил на „Facebook“.


Откритие што се случува еднаш во животот

Откритието било толку неочекувано што археолозите го опишуваат како настан што се случува само еднаш во животот.

„Ова е откритие што се случува еднаш во животот. Најголемите изненадувања секогаш доаѓаат последниот ден“, изјавиле тие.

Археологот Мајкл Сорокин сè уште живо се сеќава на моментот кога првите контури од мермерот почнале да излегуваат од земјата.

„Додека ја ископувавме винската преса, забележавме нешто што ѕиркаше од земјата. Работниците ме повикаа бидејќи мислеа дека не станува збор за обичен предмет. На почетокот мислевме дека е керамика, но потоа се појави мермерот. Полека почнаа да се откриваат двете статуи. Дури и денес тешко ми е да најдам зборови за да го опишам тој момент“, рече тој.


Двајца Ликурзи

Посебно внимание кај експертите привлекла една од статуите, на која е зачуван грчки натпис со името Ликург. Ова име го носат две исклучително важни личности во античката историја.

Првиот е славниот Ликург од Спарта, кој се смета за легендарен автор на спартанскиот општествен и воен систем. Вториот е Ликург од Атина, влијателен државник и говорник од четвртиот век пред нашата ера.


„Можеби станува збор за една од тие личности, но сè уште сме на самиот почеток од истражувањата“, нагласи д-р Петер Генделман, експерт за подрачјето на древна Цезареја.

Тој посочи дека ова откритие се приклучува на групата слични портрети на историски личности кои претходно биле пронајдени во областа на Цезареја, а последното откритие од слично значење било направено во текот на 1990-тите години.

За време на римскиот период, ваквите мермерни статуи биле поставувани во јавни објекти, бањи и луксузни домови на богатите жители.


Моќта на археологијата

На тој начин се покажувала почит кон класичната култура и интелектуалното наследство на античкиот свет. Недалеку од локалитетот, археолозите пред многу години откриле остатоци од римска бања, па постои можност статуите некогаш да краселе престижна вила на еден од богатите жители на древна Цезареја.

Сега започнува долг процес на чистење, конзервација и истражување. Експертите ќе се обидат конечно да утврдат кого навистина претставуваат статуите и каква улога имале во животот на луѓето пред речиси два милениума.


Израелскиот министер за наследство Амихај Елијаху нагласи дека откритието уште еднаш ја покажува моќта на археологијата:

„Во еден момент луѓето работат на модерен инфраструктурен проект, а веќе во следниот се отвора прозорец кон животот и културата на луѓето кои живееле тука пред многу векови“, заклучи тој.