Талибанците им забрануваат паметни телефони на функционерите - уредите јавно ги кршат

Точка

18/06/2026

21:25

480

Големина на фонт

а а а

Талибанските власти во Авганистан наредиле широка забрана за користење паметни телефони меѓу државните службеници, што аналитичарите го сметаат за можен вовед во уште пошироки ограничувања за населението.

Според директивата на талибанските воени судови, што ја објави „Гардијан“, забраната се однесува на „високорангирани, понискорангирани, обични муџахедини и службен персонал“. Наредбата треба да стапи во сила оваа недела, а предвидува строги казни за прекршителите.

На една снимка објавена на социјалните мрежи се гледа како талибански функционер, иронично, ја чита наредбата токму од мобилен телефон, додека друго лице ги крши запленетите уреди.


Закани со казни

Во наредбата се наведува дека на секој кој ќе користи паметен телефон уредот ќе му биде скршен, а против прекршителот ќе биде изречена „законска и шеријатска казна“.

Исклучоци се можни само со писмен декрет од врховниот водач на Талибанците, Хибатула Ахунџада.

Иако забраната формално се однесува на службениците, извори од Авганистан тврдат дека мерките се спроведуваат нееднакво. Во некои области се насочени само кон функционерите, додека во други градови и провинции се прошируваат и на жените, цивилите, медицинските работници, наставниците и студентите.


Страв од поширока забрана

Аналитичарите предупредуваат дека оваа мерка би можела да биде тест за евентуална целосна забрана на паметните телефони или за уште построга контрола на интернетот.

„Многу работи се случуваат на локално ниво, бидејќи некој таму донел таква одлука. Но, ова би можело да биде и вовед во целосна забрана — едноставно го испитуваат теренот“, истакнал аналитичарот кој ги следи случувањата во Авганистан.


Оваа одлука доаѓа по сè поинтензивните обиди на талибанските власти да го ограничат пристапот до глобалниот интернет. Во септември тие наредија дводневен прекин на интернетот низ целата земја, оправдувајќи го со борбата против „неморалот“ и порнографијата.

Меѓутоа, таа одлука предизвикала хаос. Според изворите, биле погодени трговијата, банкарскиот сектор, итните служби и воздухопловството, а проблеми имале дури и делови од самиот талибански безбедносен апарат.


Протести во Херат

Една од можните причини за новата забрана се протестите во Херат, кои избувнале откако талибанците апселе жени и девојки поради наводно „непрописно носење хиџаб“.

За време на протестите, талибанските сили, според снимките што се појавија на социјалните мрежи, пукале кон насобраните граѓани. Најмалку две лица биле убиени.

Токму снимките направени со паметни телефони, кои брзо стигнале до јавноста, претставувале проблем за талибанските власти. На почетокот тие негирале дека инцидентот се случил, но потоа се појавиле видеоснимки што не можеле лесно да ги контролираат.

Контрола на информациите

Сепак, забраните за паметни телефони не започнале дури по протестите. Во Херат, двајца државни службеници изјавиле дека уште пред неколку месеци им било наредено да не ги носат телефоните на работа.

Еден од нив изјавил дека нему и на неговите колеги уредите им биле одземени и искршени, откако не ја сфатиле сериозно забраната.


Според аналитичарите, Талибанците стравуваат и од протекување доверливи интерни документи. Државните службеници наводно ги фотографираат документите, ги снимаат состаноците и ги испраќаат информациите надвор од системот пред тие да бидат одобрени од врховниот водач.

Истовремено, талибанските власти тврдат дека паметните телефони ја намалуваат продуктивноста на службениците.

Изолација на Авганистан

Забраната за паметни телефони се вклопува во пошироката политика на Талибанците, кои по враќањето на власт во 2021 година сè повеќе ги ограничуваат правата на жените, слободата на медиумите, образованието и пристапот до информации.


За многу Авганистанци, паметниот телефон не е само средство за комуникација, туку и последната врска со надворешниот свет. Затоа новата мерка предизвикува страв дека Талибанците не сакаат само да ги дисциплинираат службениците, туку и дополнително да ја затворат земјата и да спречат снимките од репресијата да излезат од Авганистан.