Во текот на интервјуто кое го даде за Опра Винфри, Меган Маркл ја шокираше јавноста откривајќи дека по венчавката во палатата, ѝ биле одземени пасошот, возачката дозвола, клучевите… Но, се чини дека вистината многу се разликува од она што таа го презентираше пред очите на јавноста.
Кралските експерти објаснуваат дека целата приказна е преувеличена. Вистината е дека поради безбедноста на членовите на кралското семејство, тие документи се чуваат на сигурно, но тоа не значи дека немаат пристап до истите.
„Меган морала да ја предаде возачката дозвола поради правилата на обезбедување. Ако одлучила сама да седне зад воланот и да се одвезе некаде, повеќе не би била безбедна“, рекол историчарот Роберт Лејси, кој со своите совети помогнал и во создавање на серијата „The Crown“ за британското кралско семејство.
Но, по нејзината изјава како се ѝ било одземено, по што приказната доби доза на драматичност, едно останува нејасно. Се чини дека војвотката од Сасекс заборавила дека од моментот кога ја започна својата врска со принцот Хари, патувала најмалку 13 пати надвор од границите на Велика Британија.
„Мора да сфатите дека, кога станав дел од кралското семејство, тогаш за последен пат ги видов моите пасош, возачка дозвола, клучеви... сè до моето враќање во Америка. Сето тоа морав да го предадам и не ги видов повеќе“, тврди Меган во интервјуто, но сите нејзини патувања се документирани и медиумски проследени, а со оглед на тоа што таа не е кралицата Елизабета Втора, која е единствената што може да патува низ светот без никакви документи, се чини дека актерката претерала.
Во текот на животот во Велика Британија, таа заминувала сама или со Хари на приватни, но и на службени патувања. Така, била на Ибица, во Боцвана, Канада, Италија и Амстердам, забавата за пристигнувањето на бебето ја организирала во Њујорк, а за сето тоа ѝ бил потребен пасош.
„Секако дека кралското семејство го ставило нејзиниот пасош на сигурно, но кој воопшто би помислил дека не го добила за приватните, но и службените патувања, како што е забавата за бебето во Њујорк, дружењето со пријателите во Канада, забавувањето во Амстердам или уживањето на езерото Комо со Џорџ Клуни?“, се прашува новинарката Маргарет Холдер која ги следи случувањата во кралското семејство за „The Sun“.
Да се потсетиме на нејзините патувања - само 6 недели по првиот состанок, Хари ја одвел Меган на сафари во Боцвана. Тоа беше во август 2016 година, за потоа во јануари 2017 заедно да одлетаат од Лондон во Норвешка за да уживаат во поларната светлина и да ги набљудуваат китовите. Подоцна таа година во март, Меган Маркл од Торонто замина за Јамајка каде што го придружуваше Хари на венчавка на негов пријател.
На првата годишнина од врската, во август 2017 уживаа на романтично патување во Боцвана и Замбија, а во мај и јуни 2018 година го поминаа медениот месец на тајна локација. Се претпоставува дека станува збор за Сејшелите, каде што и Кејт и Вилијам го поминаа својот меден месец.
Два пати биле во Италија, па така и во август 2018 година кога Клуни им го испратил својот приватен авион за да му се придружат во неговата вила на езерото Комо. Во август 2018, Меган сама замина за Торонто да ја посети најдобрата пријателка Џесика Мулрони, а во 2019 година парот 2 пати ја посети Америка.
Месец август 2019 го поминаа на Ибица, каде што Меган го прослави 38-от роденден, а подоцна тој месец, со приватниот авион на Елтон Џон уживаа во Ница.
Освен тоа, војводата и војвотката од Сасекс беа на 3 турнеи во текот на кои ги посетија Мароко, Јужна Африка, Австралија, Нов Зеланд, Тонга и Фиџи.