Експертката за говор на тело, Пети Вуд, изјавила дека Меган Маркл во текот на интервјуто кое што таа и принцот Хари ѝ го дадоа на Опра Винфри, без оглед на тешките признанија - сепак се воздржувала.
Таа објаснила дека во очите на Меган се гледала мешавина од емоции, дека била замислена, и дека го оттргнувала погледот.
„Постои дел од неа кој што се смее додека се присетува, но има и солзи. Постојат работи кои што ѝ се драги, како на пример венчавката. Некои настани ја тераат да плаче. Значи, станува збор за сложен спој на емоции. Таа се обидува да ги држи во себе“, изјавила Вуд.
Според нејзините зборови, Меган на почетокот од интервјуто се обидела да се заштити од предрасудите од публиката така што ги прекрстила своите нозе на заштитнички начин, а експертката тоа го оценила како „таа да се штити од нападите врз нејзиниот идентитет и женственост“.
Вуд проценила и дека нејзиниот говор на тело, кога зборувала за љубовта кон кралицата Елизабета II, открил нешто посложено:
„На самиот почеток од интервјуто, Опра ја спомнува кралицата, а Меган покажа сложени, негативни, вокални и гестикулациски знаци за неа. Промрморе... Кога кажа дека кралицата е една од првите личности кои што ги запознала во кралското семејство, го спушти погледот и направи гримаса. Направи и движење со јазикот. Тоа е идеален пример како невербалните знаци откриваат како таа навистина се чувствува“, изјавила Вуд.
„Исто така во описот на Меган за нејзината борба со менталното здравје, говорот на телото го отсликуваше тоа што таа го зборуваше - се обидуваше да ги потисне чувствата од тој ужасен период. Кога заплака, тоа беа вистински солзи“, изјавила експертката.
Зборувајќи за делот од интервјуто во кој што Меган зборувала за загриженоста на палатата за бојата на кожа на нејзиниот син Арчи, Вуд вели дека нејзиното тело многу се променило и додала дека за неа тој дел од интервјуто бил „најстрашниот“, затоа што говорот на тело сугерирал дека навистина се наоѓа во состојба на страв.
„Го подесуваше столчето, што е потсвесна желба да се побегне од некоја ситуација. Изразот на чистиот страв се појави и на нејзиното лице. Тоа беше моментот кога Опра се обиде да ја наговори да каже кој ја коментирал бојата на кожата на малиот Арчи. Беше многу исплашена“, вели Вуд.
Кога станува збор за принцот Хари, Вуд оценува дека тој изгледал тажно затоа што не можел да го заштити своето семејство, на што укажува држењето на неговото тело.
Вуд исто така вели дека и покрај тешките теми, говорот на телото на парот ја покажува нивната љубов и предаденост еден кон друг во овие тешки времиња.
„Анализирав околу 100 нивни фотографии. Таа гледа во својот сопруг кога тој зборува. Доколку постои можност да се допрат, тие го прават тоа. Луѓето веројатно се прашуваат во каква состојба е нивната врска сега. Тие се тука еден за друг и се поддржуваат. Се навикнале да најдат утеха еден во друг“, оценила Вуд.