Мистра е еден од најсочуваните грчки средновековни градови

Точка

21/11/2019

15:59

4.537

Големина на фонт

а а а

Мистра е познат археолошки локалитет кој се наоѓа недалеку од Спарта и е сместен на листата на УНЕСКО на светски културни наследства.

Овој средновековен град се наоѓа на падините на планината Тајгетос, а првата тврдина ја подигнал ахајскиот кнез Вилијам Втори во 1249 година за да ја зацврсти франачката власт на Пелопонез. 

Од преземањето па сè до 1348 година, Мистра се ширела и значајно напредувала со што станала престолнина на Морејското деспотство, со кое владеело и Константин Драгаш, последниот цар на Византија.

Тврдината, иако е една од најсочуваните во Грција, претрпела големи оштетувања додека ја освојувале Османлиите, но и во текот на нивната власт поради повремените упади на војските. Конечната слобода, градот ја добил дури во 1821 година.

Освен самата тврдина, многу важна градба е и Деспотската палата, чиј прв дел бил изграден за време на Франките, а подоцна биле додадени и останатите делови. Поради тоа, палатата претставува комплекс од различни стилови.

Се истакнуваат и градбите на Ласкарис, Франгополус и Палатаки, а сочувани се и трите градски капии – Главната капија, Науплионската и Монемвасијската капија.

Во центарот на новиот дел на Мистра се наоѓа споменик на последниот византиски владетел Константин Драгаш, а во близина се наоѓа и големото и старо дрво од чие стебло извира вода.

Во Мистра се зачувани и неколку цркви кои потекнуваат од 13-ти, 14-ти и 15-ти век, а најубавите фрески се наоѓаат во црквите Богородица Перивлептос, Богородица Одигитрија и во црквата Свети Димитрија во која се наоѓа и музеј.



Спонзорирани линкови

Маркетинг