Турист објави снимка од популарно летувалиште во Бугарија па се пожали на мрежите: „Паралија по ова изгледа како Сејшели“

Точка

30/07/2025

12:06

6.217

Големина на фонт

а а а

Летувањето во Бугарија често е на радарот на нашите туристи поради пристапните цени и блискоста. Меѓутоа, последниве години социјалните мрежи сè почесто се преплавени со коментари за еден конкретен проблем – алгите.

Фотографии од плажи покриени со зелени наноси и снимки од матна вода ги разгореа сомнежите дека сепак е подобро да се избере Грција, Црна Гора или Хрватска. Сепак, додека едни поради тоа велат дека не сакаат да го ризикуваат одморот, други тврдат дека сето тоа е претерано.

Токму затоа, еден корисник на „X“, на профилот „GNogopis“, постави едноставно прашање: „Ваши искуства од летувањето во Бугарија?“.

Покрај прашањето, корисникот објави и видео од една плажа, наводно снимано во Бугарија, на кое јасно се гледа дека морето е повеќе зелено отколку сино. Очекувано, снимката брзо предизвика бројни коментари и поделени мислења.

„Цветањето на алгите се случува насекаде – тоа е природа“

Еден корисник истакна дека цветањето на алгите не е проблем карактеристичен исклучиво за Бугарија, па се запраша зошто толку се нагласува токму на оваа дестинација.

„Цветањето на алгите не се случува само во Бугарија. Еве, на југот на Португалија, Алгарве е повеќе од еден месец преплавен со црни алги … природата е чудо и треба да се помириме со тоа“, напиша тој.

Друг корисник се присети дека Бугарија некогаш била исклучително поволна дестинација, но предупреди дека специфичната кујна може да биде предизвик за нашите туристи:

„Некогаш беше ултра евтино. Сместувањето беше во ред. Храната и пијалаците добри и евтини.Барајте српска скара, инаку не се јаде поради некој луд зачин. Кафулињата и рестораните солидни. Морето не личи на море, повеќе е како големо сиво езеро“, напиша тој.

Еден коментар ги споредува бугарските летувалишта со грчките на многу директен начин:

„Паралија по ова изгледа како Сејшели“, порача тој.

Сепак, имаше и такви што беа задоволни од Бугарија. Еден турист порача дека повеќе пати летувал на Црното Море и дека секогаш знаел што може да очекува:

„Летував многу пати во Бугарија и искуствата ми се, главно, позитивни. Колку пари, толку и музика.“

„Чисто и евтино“

Турист кој неодамна се вратил од Несебар имаше само пофални зборови:

„Штотуку се вративме од Несебар. Чисто, евтино, многу зачувани дрвени и камени куќи, љубезни и фини луѓе, фантастична храна, морето нормално, немаше од оваа трева, навистина никаде. На плажите не се плаќаат ниту чадори ниту лежалки.“

Едно семејство од Србија кое престојувало во близина на Несебар нагласува дека е особено задоволно од безбедноста и организацијата на плажите:

„Бевме во близина на Несебар и ни беше супер. Храната преубава и пристапна, ако не сакате плажа, има базени, а инаку плажите им се уредени и обележани, спасителите со оние знаменца ја следат ситуацијата, се гледа дека внимаваат на безбедноста. Навечер, убаво за прошетка, сè на сè – убаво е.“

„За овие пари – не може подобро“

Некој што штотуку се вратил од Сончев Брег препорачува хотели со четири ѕвезди, но додава и мала забелешка:

„Сега се вратив од Сончев Брег. Препорака за ’all inclusive‘ хотели со 4*. Супер храна, супер плажа, местото е панаѓур – за оние што сакаат. Несебар е блиску, задолжително да се посети. Температура до 30, море до 26 степени. Морето е проблематично, не е страшно, но може подобро. За овие пари – не може подобро. Препорачувам“, напиша тој.