Шигеко Кагава, 114-годишна пензионирана докторка од префектурата Нара, стана најстарата личност во Јапонија откако почина 114-годишната Мијоко Хиројасу, покажуваат податоците на јапонското Министерство за здравство, труд и социјална грижа, пишува „Асоушиејтед прес“.
Кагава, симбол на извонредна долговечност во Јапонија, дипломирала медицина пред Втората светска војна, работела во болница во Осака за време на војната, а подоцна ја водела семејната ординација како специјалист по гинекологија и акушерство. Во пензија заминала на 86-годишна возраст. Со 109 години, во пресрет на Олимписките игри во Токио во 2021 година, Кагава стана една од највозрасните носителки на олимпискиот оган во историјата.
Како што пренесе локалната телевизија „Ем-би-си њуз“, повикувајќи се на нејзиното семејство, таа не прави ништо посебно за да го одржи своето здравје. Се придржува до редовна рутина – легнува и станува во исто време, јаде мали порции, но секогаш има три оброка на ден.
🗣️ "I'm still enjoying life." ❤️
— #Tokyo2020 (@Tokyo2020) April 13, 2021
Listen to the words of 109-year-old KAGAWA Shigeko, who fulfilled the dream of carrying the Olympic flame with her granddaughter during the #OlympicTorchRelay #HopeLightsOurWay #Tokyo2020 https://t.co/XlwWkwtvzB pic.twitter.com/DK4v3qHHnJ
Претходната најстара личност во Јапонија, Мијоко Хиројасу, исто така водела активен живот. Родена во 1911 година, таа студирала уметност во Токио, предавала во префектурата Хирошима и одгледала три деца. Починала во дом за стари лица во префектурата Оита, каде што деновите ги поминувала читајќи весници, цртајќи и играјќи карти.
И покрај општиот пад на бројот на жители, бројот на постари лица во Јапонија постојано расте. Заклучно со 1 септември 2024 година, рекордни 36 милиони луѓе – што е 29 отсто од населението – биле постари од 65 години, што е највисок процент на стари лица во светот. Лицата над 80 години сега сочинуваат 10 проценти од вкупното население, според податоците на Министерството за внатрешни работи и комуникации. Во цела Јапонија има 95.119 стогодишници.