Најочекуваниот автомобил на годината конечно пристигна: Ова е новиот Golf 8!

Точка

25/10/2019

10:30

7.779

Големина на фонт

а а а

На прв поглед се чини дека се нема многу променето, но осмата генерација на најпопуларниот модел на Volkswagen под каросеријата е револуционерна.

Конечно пристигна најочекуваниот автомобил на годината - осмата генерација на Golf, најпродаваниот европски автомобил во историјата. Колку овој моел значи за Volkswagen, но и европскиот пазар најдобро покажуваат овие бројки. До денес се продадени неверојатни 35 милиони примероци, а само минатата година, иако беше јасно дека наскоро доаѓа „осмицата“, беа продадени 445 илјади примероци на Golf 7.

Новиот Golf сепак има значителни измени кога е во прашање надворешноста, иако на прв поглед веројатно веднаш знаеме дека станува збор за Golf.


Golf 8 пристигнува со најнизок коефициент на отпор од само 0,275, а притоа остана верен на обликот кој е карактеристичен за најпопуларниот хечбек на светот. Додека надворешноста може да се каже дека ја следи една „полесна“ еволуција, кога станува збор за внатрешноста - дизајнот и технологиите кои што пристигнуваат со Golf 8 се вистинска револуција.

Галерија: Новиот Golf 8 од сите агли!

Внатрешноста е минималистичка, со најмалку копчиња досега и е целосно дигитализирана. Со најголемиот дел на функциите се управува преку воланот и инфотејнмент системот кој има екран чувствителен на допир и во основа доаѓа со големина од 8,25 инчи.


Golf 8 ќе биде првиот автомобил од компактната класа кој ќе има сериски дигитални инструменти, односно и во најевтиниот пакет, осмата генерација на Golf ќе ја добиете целосно дигитализирана, без аналогни инструменти.

Целосната дигитализација на Golf 8 не би требала да ги збуни љубителите на овој автомобил. Од Volkswagen тврдат дека се е направено интуитивно и дека во фокусот е едноставноста на користењето.


Golf 8 пристигнува со едноставно и ефикасно контролирање со глас, паметниот телефон може да го замени клучот, автомобилот е цело време поврзан на интернет, а функциите на автомобилот можат со текот на времето да се збогатат со нови инсталации. Ова значи дека како кај автомобилите на Tesla, новиот Golf 8 ќе може софтверски да се надградува и тоа е вистинска дигитална револуција, нешто што е нетипично храбро од страна на Volkswagen.

Сите погони на Golf 8 се штедливи, а осмата генерација троши за 17% помалку од претходникот. Дури пет мотори се хибридни. Бензинците со сила од 110, 130 и 150 коњски сили имаат 48 V mild-hybrid систем кој возачот нема ниту да го забележи при возењето, а тука се и два plug in хибридни верзии со сила од 204 и 245 коњски сили (за моделот GTE).


Кога понудата ќе се комплетира, новата „осмица“ ќе се нуди во распон на сила од 90 до 300 коњски сили, основниот мотор ќе биде трицилиндарски бензинец со 90 и 110 коњски сили (верзија без mild-hybrid систем), а дизел верзиите ќе се нудат со 115 и 150 коњски сили.

Golf 8 носи и многу други новости. Технологијата Car2X овозможува комуникација на автомобилот со останатите возила во радиус од 800 метри и така возачот ќе биде предупредуван за евентуална опасност на патот.


Осмата генерација на Golf исто така ќе нуди и Head-Up екран, IQ.Drive технологија за полуавтономно возење до 210 километри на час, а во понудата ќе бидат и LED Matrix светла. Автомобилот ќе има и интелигентни функции, како складирање на личните податоци на cloud, па така ќе биде меморирана позицијата на седиштето, воланот, ретровизорите и слично, доколку автомобилот го возат повеќе лица. Исто така, располага и со иновативен трозонски клима уред со функции за греење на раце.

Пространоста е нешто поголема од претходникот. Новиот Golf 8 е „изграден“ на MQB платформата и малку порасна во однос на претходникот, сега е долг 428 сантиметри. Нови е и пакетите на опрема кои ќе се нарекуваат Golf, Life, Style и R-Line. Цените засега не се познати, а се претпоставува дека автомобилот ќе пристигне на пазарот на почетокот на идната година.