Гордана Попсимонова ексклузивно за Точка: „Не беше планирана да се роди, но кога веќе тргна да се раѓа, судбината ја прошета по разни ќорсокаци...“

Точка

19/10/2019

13:08

5.905

Големина на фонт

а а а

Композицијата „Не ѝ признавај“, сега веќе им припаѓа на девојките од групата „Фрајле“, но, нејзиното настанување е навистина единствено.

Ова е мелодија која го освои третото место на „Макфест“, а позади неа како автори се потпишуваат уникатните Тоше Поп-Симонов и неговата сопруга Гордана Попсимонова.

Попсимонова, сакаше јавно да ви ја претстави целата “лудорија“ која се случувала при самото компонирање на песната, која пак само укажува на тоа дека „Не ѝ признавај“ не требало да се случи.


Но, упорноста на легендарниот композитор Тоше Поп-Симонов, кој после долги години се врати на музичката сцена - на крајот вроди со плод.

Во продолжение ексклузивно ви ја носиме целата “сказна“ на Гордана Попсимонова, која нималку не е напишана за да ве изненади, запрепасти, натажи или насмее - таа е само една вистинска случка на која никако не ѝ се гледал крајот.

„Според Дигиталниот речник на македонскиот јазик, зборот „сугаре“ значи доцна родено јагне или јаре. Во секојдневниот живот, овој збор се употебува за дечиња кои се родени непланирано. Заради моите многу постари браќа, многумина на шега мене ме нарекувале токму така – сугаренце.

Ова е приказна за една песна „сугаре“ која не беше планирана да се роди. А, кога веќе тргна да се раѓа, Судбината ја прошета по разни ќорсокаци и ендеци, брзаци и врутоци, сè додека не излезе на царскиот пат.

Мојот стопанин, уште познат и како Тоше Поп-Симонов, после многугодишна пауза реши да се врати на песнотворење. Од една страна, ми беше многу драго што му се враќа адреналинот. Од друга страна, и не ми беше драго што исчезна од семејниот живот цело лето. Како и да е, на време си го заврши домашното. Таман за да можеме да заминеме на заслужбен септемвриски одмор. Е, ама не било така пишано. Заради разно-разни непредвидени и непредвидливи околности, мораше да се направи комплетно нова песна, во пет до дванаесет. Можеби и дванаесет и пет беше веќе фатило.

Во ред. Седна Тошо да работи, а јас, полна разбирање, си ги распакував торбите за плажа и ги тргнав кремите за сончање за следното лето. Време нема, стопанинот нервозен, сите му се тргаме пред очи и кротиме по дома. Едно време, ме фати жал и му предложив да направам текст, што беше категорично одбиено. Тоше секогаш сам си ги прави тесктовите за своте песни. И тоа му оди одлично, не само на македонски јазик. Не знам од каде ми дојде глупата идеја дека јас би можела него да го одменам. Конечно, испадна дека и не ми била така глупа идејата и дека навистина му треба помош.

И така бидна песната насловена „Не ѝ признавај“.

Остана уште да се најде капачето на тенџерчето, односно да се измисли соодветен изведувач. Имавме огромна среќа затоа што драгите девојки од групата Фрајле од Нови Сад имаа слободен датум за макфестовските денови, затоа што баш во тој период после осум месеци непрекинати настапи беа на одмор и што исклучиво од почит кон Логин Кочишки го отвориле мејлот со кој им беше пратена песната, и најважното - затоа што им се допаднало тоа што го чуле.

Откако, после мал милион разговори на релација Нови Сад – Скопје – Загреб - Штип, стана сосема извесно дека Марија, Јелена, Невена и Наташа ќе ја изведат горенаведената песна, Тошо реши дека мора лично да ги снима вокалите. Буквата „ќ“ која претекува од сите страни во текстот е проблематична за српското говорно подрачје. Затоа, почнавме да го подготвуваме Тошо за пат до Нови Сад. Ене го каде е, пет часа возење по новиот автопат. Така, барем, ние си мислевме.

Два дена пред поаѓањето, се накашла г-жа Судбина. При последните местења на тонскиот запис, умре Мекинтошот. Потенцирам дека комјутерот е Мекинтош, затоа што нема многу такви во околината. Среќа па, Тане (фала, Тане) има ист модел, се жртвуваше и му го даде на користење неговиот. Една цела ноќ се потроши во префрлање на материјалите. Следниот ден, односно дента пред тргнување, откако извадивме полномошно за управување туѓо моторно возило, односно мое – констатиравме дека возачката дозвола на Тоше е со истечен рок. Како и мојата. Ама, тоа не е битно за приказнава. Пак беше „позови пријатеља“ за да се извади нова возачка и со таква, тазе испечатена пластика, утредента да се киниса за Нови Сад. Осамна денот за патување. Јас се простив со стопанинот, му посакав среќен пат и убав престој во Нови Сад и си тргнав на работа. Среќна дека конечно сè е во ред.

Некаде околу пладнето, звонењето на телефонот ми го прекина живиот муабет со другарка ми Соња. Баш ѝ раскажував дека Тоше е веројатно веќе стасан до Лесковац, по мои пресметки. Гледам на мобилниот, пишува Мажот ми. Вели Тошо - Доаѓај пред МТВ (МТВ е во Скопје, а не во Лесковац), се судривме малку, нема повредени. Ми се потсекоа нозете затоа што додека разговаравме слушав сирени во позадината, па се посомневав дека не ми кажува сè. Стасавме со Соња на раскрсницата пред МТВ. Факт е дека немаше жртви и повредени, ниту некоја поголема материјална штета. Освен што, додека се пребројувавме, „пајакот“ ѝ ја собра колата на Соња (Соња, извини уште еднаш).


Сепак, моравме да одиме до осигурителната куќа да се направи увид. Да потсетам, јас сум сопственик на моторното возило и јас сум таа која нема валидна возачка дозвола. Таму потрошивме уште некој час или два, во кои проценив дека Тоше не треба да патува сам. Ги фрлив дома штиклите, натнав тренерка, земав четкица за заби и тргнавме. За да сфатиме по пат дека, од ударот во браникот и багажникот, не фунционираат бравите на сите пет врати. Си се тешевме дека во хотелот кој го резервирав недела дена преходно, и кој специфично го избрав заради паркингот, возилото ќе биде безбедно. Е, немаше паркинг. Односно има само шест паркинг места за сто и четириесет соби, кои се нормално – зафатени. Не собите, туку шестте паркинг места. И така, некаде пред полноќ, го запознававме центарот на Нови Сад додека не ја најдовме единствената катна гаража. За не дај Боже, или за дај Боже, да си знаете дека таа се наоѓа позади Националниот театар.

Да бидам искрена, ми беше малку криво што не се видов со девојките во Нови Сад. Не се видовме заради мојата женска суета. Не понесов шминка, ниту облека за пред човек и затоа не излегував од хотелската соба. Е, кога се запознавме во Штип, се засакавме на прва. Тоа се најтоплите, најнепосредните, највеселите, најсрдечните четири личности со кои ми се вкрстиле патиштата. Не залудно се толку популарни. Едноставно, влегуваат под кожа со невидена леснотија.

Во моментот кога ќе ја ставам последната точка на кој било текст – јас го заборавам. Го одвојувам од мене и го пуштам да си го најде својот пат. Кога си го слушнав текстот на сцената на Макфест, не го препознав. Девојките пееа нешто убаво, нешто весело, нешто сосема нивно. Ми се насолзија очите од инаетот на оваа песна која трвдоглаво реши да помине низ сè за да биде чуена. И не би можела да замислам кој друг би ја изнел подобро од Ди Фрајле. Нека им е со среќа нивната песна и нашето сугаре. “




Спонзорирани линкови

Маркетинг