Британскиот телевизиски водител Пирс Морган се огласи од болница откако доживеа сериозна повреда. На 60-годишна возраст тој го скршил колкот по незгодно сопнување, поради што лекарите му вградиле вештачки колк.
Морган објави фотографија од болничкиот кревет и детално објасни како дошло до несреќата. Како што напиша, се сопнал на мала скала во ресторан во лондонски хотел, паднал „како вреќа компири“ и го скршил вратот на бутната коска. Повредата била толку сериозна што било неопходно да му се вгради вештачки колк.
Тој додаде дека се опоравува во болница, дека ќе мора шест недели да оди со патерици и дека во наредните 12 недели нема да смее да патува на долги летови. Со иронија напиша дека „Новата година одлично започнала“, а на крајот се пошегува дека за сè го обвинува Доналд Трамп.
На фотографијата од болничкиот кревет, Морган е приклучен на инфузија и кислород, а со едната рака покажува знак со палец нагоре. Покрај неговата фотографија, тој објави и рендгенска снимка на која со црвен круг ја означил повредата.

Да потсетиме, Пирс Морган е британски новинар, телевизиски водител и колумнист, познат по својот провокативен стил и остри коментари. Кариерата ја изгради во британските медиуми, а со години беше едно од најпрепознатливите телевизиски лица во Обединетото Кралство.
На пошироката јавност ѝ стана особено познат како водител на утринската емисија „Добро утро Британија“, каде често влегуваше во конфликти со гости и колеги поради контроверзни ставови. Особено се памети неговото заминување од емисијата по бурните реакции на неговите изјави поврзани со Меган Маркл.

Денес Морган ја води авторската емисија и интервју-серијалот „Пирс Морган: нецензурирано“, во кој угостува политичари, славни личности и јавни коментатори. Емисијата е позната по директните прашања, што му носи висока гледаност, но и бројни критики. Морган често коментира актуелни теми како политиката, таканаречената „будна“ култура, слободата на говор и улогата на социјалните мрежи, а многу е активен и на платформата Икс, каде редовно влегува во јавни расправи.











