Од скромен фестивал со домашни изведувачи, „Арсенал фест“ кој секоја година се одржува во јуни во Крагујевац со секое ново издание прераснува во сериозен настан, со светски музички имиња на лајн-ап и се побројна публика. Годинава локација беше дворот и неколкуте полуразрушени објекти на старата фабрика за оружје од 19-ти век.
На трите сцени (секоја оддалечена 200 метри една од друга) жанровски различни бендови и артисти... Исклучително богата програма за сите вкусови, затоа и илјадниците посетители се движеа како река од една на друга, сакајќи да ги посетат настапите на што повеќе бендови како: „Едиторс“, „Д Килс“, „Морчиба“, „Дисциплин А Кичме“, „Култур Шок“, Марки Рамон, „Лет 3“...
Како новинарска екипа на Точка имавме пристап до сите три сцени: главна, гарден и Explosive DJ и можност да ги видиме артистите одблизу и да ги фотографираме. Дворот на овој прекрасен стар објект тие три дена (21, 22 и 23 јуни) додека траеше „Арсенал фест“ беше преполн со публика од сите генерации. И млади и повозрасни, сите уживаа во музиката која доаѓаше од трите сцени.
Три сцени за сите генерации
Зачувана како од пред 100 години, старата фабрика за муниција токму заради таа архитектура и широчина е совршен избор за овој тип на фестивали. На влезот немаше ни гужва ни турканици, затоа што се беше беспрекорно организирано. Откако го поминавме обезбедувањето зачекоривме во огромниот двор, каде имаше многу случувања... Буквално помисливме: Каде попрво да одиме? Од левата страна се наоѓаше Гарден сцената посветена на љубителите на панк и хард рок музиката. Затоа таму навраќаа најмладите, уживајќи и танцувајќи во звукот на домашните и странските бендови како: “Dishumanity“, култните „KBO!“, легендарниот тапанар Марки Рамонс, секогаш провокативните „Лет 3“, „Вива Вокс“, „Џинкс“, „Бед Копи“, „Култур Шок“...
Од десната страна пак на огромен простор беа лоцирани тезгите на кои се продаваа разноразни производи поврзани со музиката: плочи, маички, беџови..., а веднаш наспроти нив тезгите со храна: плескавици, ќебапи, палачинки, пуканки... кој што преферира. Отспротива, во големиот парк чии дрва беа украсени со светилки во сите бои беа поставени дрвени клупи за мала починка на посетителите. Паркот е поврзан со Explosive DJ сцената, сместена во стар објект со огромни стаклени прозорци, па сите што седеа надвор со чаши пиво во рацете уживаа во техно звуците кои доаѓаа од диџеј пултот.
Внатрешноста на овој објект наликуваше на сквот куќа, исцртана со графити и мурали по ѕидовите... Совршена средина за забави со електронскиот звук на артистите: Markwood & Hunckie, Кристијан Молнар, „NTFO“, Едид Д, Некси, Мигуел Бастида, Оливијан Ноур и Роско.
Се на се во овие три вечери околу 30.000 луѓе од регионот го посетија „Арсенал фест“. Ни поројниот дожд што го зафати градот во втората вечер од фестивалот не спречи никого да биде пред сцената и да го слуша омилениот бенд.
Неодоливиот англиски шарм
Цело внимание беше насочено кон главната сцена и изведбата на британско-американското рок дуо „Д Килс“, кои беа и едни од ѕвездите на фестивалот, особено заради тоа што за прв пат настапуваат во регионот. Бендот донесе свежина на сцената, особено со изведбата на песните од нивниот нов албум „Ash & Ice“, но и со отвореноста кон публиката, топлината и жестокоста со која свиреа и пееја.
Харизматичната пејачка Алисон Мосхарт, препознатлива по рокерскиот стил на облекување буквално сите песни ги испеја со насмевка на лицето, комуницирајќи со публиката. Нејзиниот танц и движења на сцената се само причина повеќе за повратните реакции на публиката и магичната атмосфера што се создаде во тие час и половина.
Во тоа ја следеше и гитаристот на бендот Џејми Хинс (поранешен сопруг на супермоделката Кејт Мос), кој на неколку пати истапи на самиот раб на сцената свирејќи соло.
По нивниот настап публиката со нетрпение ги очекуваше на сцена „Едиторс“, познатиот пост-панк бенд кој потполно ја освои публиката со фуриозната и екстатична изведба.
Сепак, најголемата гужва на годинешното издание на фестивалот се создаде во третата вечер, кога настапи англиската трип – хоп група „Морчиба“, со шармантната пејачка Скај Едвардс... Најголемите нивни хитови беа испеани таа вечер како "Otherwise", "The Sea", "Blindfold", "Let Me See"... По хипнотичките и секси звуци на „Морчиба“, атмосферата ја „запалија“ култниот српски бенд „Дисциплин А Кичме“ кои го затворија фестивалот во раните утрински часови.
Се на се, одлична организација... Одлична програма и бендови кои не можат да се видат на сцените во овој дел од Европа. Организаторите најавија уште пожестоко издание и следната година!
Пишува: Гордана Настевска Манасијеска
Фото: Нина Рудиќ
Исклучително харизматичната пејачка на „Д Килс“ Алисон во екстатичен настап
Гитаристот на бендот Џејми (екс сопругот на супермоделката Кејт Мос е познат по прекарот Хотел) истапи на сцената со неколку извондредни соло изведби
Во склоп на фестивалот во пространиот двор беше поставена и берберница за сите оние кои сакаат да сменат имиџ или да си го „освежат“ изгледот
Отворени и романтични кафеа поставени за одмор меѓу концертите
Знакот за добредојде на влезот на фестивалот на сите јазици од регионот и пошироко
Експлозив Икс сцената беше сместена во стар објект исцртан во внатрешноста со графити... Светлата и „маглата“ кои беа поставени за ефект даваат особено магична атмосфера