Водителката на временската прогноза на ИТВ, Винси Вилис, почина на 76-годишна возраст откако ѝ беше дијагностицирана деменција, јавува „Дејли мејл“.
Првата национална водителка на временската прогноза на споменатиот канал починала на 18 декември 2024 година, а веста е објавена дури сега.
Сценаристот Расел Т. Дејвис ѝ оддал почит на Инстаграм:
„Тажна загуба! Ја споменав Винс во дијалогот на „Квир како фолк 2“, а таа ме пронајде! Успеа да дојде до мојата е-адреса само за да ми каже колку е воодушевена што е спомената. Беше полна со радост, каква прекрасна жена. Со години се допишувавме, се смеевме заедно, беше многу забавна. И каква блескава кариера! Ја обожавав. Секоја чест Винси, добра ноќ, драга“, напишал тој.
Родена како Флоренс Винсом Литон, таа го доби прекарот Винси по детска песничка кога тргнала на училиште.
Позната по својата руса коса, Вилис веќе била млада ѕвезда кога ја презела улогата на водителка на временска прогноза и имаше своја емисија, „Милениците на Винси“, во 1982 година.
Таа се приклучила на британската национална програма ИТВ, каде што беше метеоролог, иако признавала дека не е експерт за таа област.
Таа, исто така, ја осмислила и друштвена игра наречена „Играта на времето“ (The Weather Game).
Винси потоа, во 1987 година, ја напуштила работата на телевизија и се посветила на заштитата на животната средина. Подоцна напишала и книги: „Врне мачки и кучиња“ (1986) и „Зелени денови“ (1990).
Еден период живеела во шатор во Грција, каде што се грижела за популацијата на желки.
Се вратила на екраните како водителка на емисија за дивите животни во 1993 година, но подоцна телевизиските настапи станале ретки.