Совршена според стандардите на Хитлер: "Нацистите се степаа за тоа кој ќе спие прв со мене"

Точка

09/12/2015

13:32

8.413

Големина на фонт

а а а

Каде и да се појавел во својот Трет Рајх, Адолф Хитлер бил пречекуван на истиот начин – малолетни, синооки и русокоси девојки му го принесувале неговото омилено цвеќе, црвени каранфили. Оваа чест ја имала и Ханелор Хок, којашто неодамна за прв пат јавно проговори за тоа како изгледало да се биде совршена ариевска девојка во нацистичка Германија.

За девојчињата во нацистичка Германија немало поголема чест од тоа да ги изберат како совршена ариевка којашто е достојна за на Фирерот да му го предаде неговото омилено цвеќе.


Денес, 86-годишната Ханелор Хок, имала само шест години кога во 1935-та година во Хановер ѝ припаднала токму оваа чест.

Неодамна Ханелор, којашто моментано живее во Мисури, за прв пат проговорила за средбата со најозлогласениот човек во историјата на човештвото, но и уште еден човек од најмрачното доба на Германија – Курт Валдхајм, нацистички офицер којшто после војната станал генерален секретар на Обединетите Нации, пишува Daily Mail.

Совршена девојка според стандардите на Хитлер

- Кога имав само шест години, претставував олицетворение на совршеното девојче според стандардите на Хитлер. Тоа беше далечната 1935-та година, и уште тогаш никој не можеше ниту да претпостави во што ќе се претвори тој. Некои во таа година го сметаа за безначаен, но никој тогаш не можеше да тврди дека е глупав. Мене мојот учител, заедно со уште четири девојчиња од останатите одделенија нè избра за да се запознаеме со Хитлер, односно да бидеме негови девојчиња со цвеќе. Јас бев избрана токму поради изгледот, раскажува Хок.

На неа ѝ било кажано да стои во првиот ред на улицата, заедно со останатите девојчиња, и да го чека Хитлер.


- Кога сте толку мали, 30 минути ви се чинат како цела вечност и оној момент кога Хитлер дојде, јас морав да одам во тоалет, па во паника, се присетив на советот на мојата мајка да ги прекрстам нозете ако некогаш имам таква потреба. Бев навистина очајна и го направив тоа, раскажува Ханелор (86) којашто тогаш имала само шест години.

Таа се присетила и на тоа како изгледал моментот кога Хитлер се појавил во нејзиниот град.

- Беше во средниот од три автомобили. Кога колоната застана и кога тој излезе од неа, не се ни насмевна. Носеше темножолта униформа. Изгледаше средено и убаво. Тргна кон нас со некоја жена којашто носеше корпа. Прво им пријде на девојчињата коишто ги носеа неговите каранфили. Ги галеше по главата, а потоа го земаше цвеќето. Изгледаше како да им дава благослов, иако тоа го правеше без никакви емоции, без насмевка на лицето. Кога дојде до мене, ме погледна, но не ме допре по главата. Замина без поздрав, а јас не знаев што значи тоа, ја опишува таа средбата со Хитлер.

Хок била убедена дека нешто не направила како што треба, а во тоа никој не можел да ја разувери, особено откако ја фотографирал еден од луѓето коишто биле со Хитлер.

Нацистичка готвачка

Нејзините родители никогаш не биле членови на Нацистичката партија, но биле имотни. Нејзиниот татко работел за Mercedes-Benz, а нејзината мајка шиела униформи за нацистите поради што нивниот дом постојано бил полн со нацистички офицери.


Во една прилика, во текот на војната во 1944-та година, на вечера кај нив дошол еден високо позициониран офицер. Кога ја здогледал тогаш 14-годишната Хок, моментално одлучил дека треба да ја вклучи и некако да му помогне на Хитлер. Тој ја одвел во камп во којшто готвела за идните млади нацисти.

- Хитлер имаше имот во Аугсбург, каде што тинејџерските трупи слушаа предавања. Тука морав да научам како се готви, а тие момчиња мораа да ја јадат нашата храна. Пет девојчиња готвевме за момчињата коишто беа на возраст помеѓу 16 и 18 години, раскажува таа.

Најмногу се плашела од нацистичкиот офицер којшто бил на служба во Југославија

Едно од нештата од коишто најмногу се плашела за време на престојот во кампот е средбата со Курт Валдхајм, човекот чиешто минато предизвикало бројни контроверзи.

Валдхајм после војната станал дипломат и политичар, тврдејќи дека во 1942-та година бил само обичен воен офицер, како и тоа дека остатокот од воените години ги минал студирајќи право.

Сепак, и покрај неговите тврдeња, откриено било дека тој сепак ѝ се придружил на Нацистичката партија во 1938-та година, како и тоа дека бил член на паравоената формација на Хитлер, но и дека бил офицер во Југославија и Грција.

И покрај фактот дека тој починал тврдејќи дека не знаел ништо за било какви нацистички криминални дела против човечноста, најновото сведоштво на Хеленор го става повторно во центарот на вниманието.

Таа, всушност, тврди дека набрзо после доаѓањето во Аугсбург започнале да ја водат на прослави организирани за високи нацистички службени лица.

Тепачка околу нејзината невиност

Најголема траума на тие забави доживеала кога Валдхајм јасно ѝ ставил до знаење дека ја сака – нејзината невиност.


Додека таа танцувала со едно од службените лица, Валдхајм покажувал кон неа зборувајќи со друг офицер, коментирајќи дека ќе ја одведе во кревет, на што другиот офицер одговорил дека тоа нема да се случи, бидејќи токму тој сака да ја одведе во својот кревет.

Според нејзиното сведочење, тие се скарале околу тоа кој ја забележал прв, а Хок се исплашила и започнала да плаче. За среќа, изненадно се слушнала сирена после која сите војници се смириле и ја напуштиле салата.

- Мислам дека во тој момент ме сочува мојот ангел чувар, раскажува денес Хок, којашто дури после година дена од овој инцидент успеала да им се врати на своите родители.


После војната, таа за време на едно летување во Америка, се запознала со својот иден сопруг, во кого се заљубила и се омажила во месец октомври, во 1954-та година.

Остатокот од животот го минала во САД, каде што живее и ден денес. Таа е мајка на три деца.