Потврден е новиот филм „Сам дома“, Меколи Калкин се враќа во улогата на Кевин Мекалистер

Точка

21/11/2026

12:20

323

Големина на фонт

а а а

Меколи Калкин се враќа во улогата на Кевин Мекалистер во новото продолжение на култниот божиќен филм „Сам дома“. Според пишувањето на „TMZ“, актерот се согласил повторно да го оживее ликот што го прослави пред повеќе од три децении.

Како што пренесува „TMZ“, повикувајќи се на „Puck“, Калкин со години се двоумел околу враќањето во филмскиот серијал, но неодамна го променил мислењето. Летово се сретнал со директорот на „Disney“, Дејвид Гринбаум, за да разговараат за новиот филм.

На развојот на проектот ќе работат Сет Роген и неговиот долгогодишен соработник Еван Голдберг. Засега не е позната приказната на новото продолжение.

Калкин претходно откри како го замислува враќањето на Кевин

Актерот минатата година зборуваше за можноста да се врати во филмскиот серијал и откри дека веќе разработил сопствена идеја за продолжение. „Имам една идеја што веќе ја разработив“, рече тогаш.

„Во неа сум или вдовец или разведен. Сам го воспитувам детето и се мачам со родителството. Премногу работам, не му посветувам доволно внимание и детето ми се лути, па ме заклучува надвор од куќата. Синот не ме пушта внатре и тој е оној што ги поставува стапиците“, раскажа тој.


Според таа замисла, Кевин повеќе не би бил момчето што ја брани куќата од провалници, туку татко кој се обидува повторно да го воспостави односот со својот син. „Куќата всушност е метафора за нашиот однос“, објасни Калкин и додаде дека неговиот лик би морал „повторно да се избори за место во срцето на својот син“.

„Тоа накратко е мојата идеја. Немам ништо против враќањето, само го чекам вистинскиот проект“, рече тој.

Засега не е познато дали новиот филм ќе се темели на таа идеја.

Враќање по повеќе од 30 години

Калкин првпат го глумеше Кевин Мекалистер во филмот „Сам дома“ од 1990 година, кој стана еден од најпознатите божиќни филмови на сите времиња.

Улогата ја повтори во 1992 година, во продолжението „Сам дома 2: Изгубен во Њујорк“, во кое Кевин повторно останува одвоен од семејството, овојпат во Њујорк.

Потоа беа снимени уште четири филма од серијалот, но Калкин не глумеше во ниту еден од нив. Последниот беше објавен во 2021 година на платформата „Disney+“.

Новото продолжение ќе го означи неговото враќање во улогата на Кевин Мекалистер по повеќе од три децении. Сè уште не се објавени датумите за почеток на снимањето и премиерата на филмот.