Кога се појавија на забавата на „Барбери“ во Њујорк, сите во истиот момент се свртеа кон нив и заборавија на славните личности кои го збогатија настанот со своето присуство.
На кого повеќе личат? Дали Епл е вистинска копија на својата мајка, оскаровката Гвинет Палтроу? Дали нејзиниот брат Мозес е „ист татко“, никој друг туку фронтменот на групата Колдплеј, Крис Мартин? Децата на некогаш неразделниот пар ретко се појавуваат заедно во јавноста, па сосема е јасно зошто синоќа го украдоа вниманието на гала-настанот и предизвикаа лавина од коментари.
Иако пораснале покрај две исклучително познати личности, тие двајца полека градат сопствени кариери и го пронаоѓаат своето место во светот на модата, музиката и уметноста.
Постарата Епл (22) веќе зачекорила во модната индустрија. Соработувала со познати брендови, како што се „Chloé“, „Self-Portrait“ и „Gap“, а ја интересираат и актерството и режијата, на кои им се посветувала додека студирала на Универзитетот Вандербилт.
Нејзиниот помлад брат, од друга страна, ја наследил љубовта кон музиката од својот татко. Мозес (20) е член на алтернативниот рок-бенд „People I’ve Met“, но не му е непознат ниту светот на манекенството.

Неодамна дебитирал како заштитно лице на кампањата на „Барбери“ „Escape to the Countryside“, во која била искористена и музиката на неговиот бенд. Крис Мартин сигурно е горд на својот син.
Децата на некогашниот славен пар се појавија на празничната забава на модната куќа „Барбери“, организирана во хотелот „The Mark“ на Менхетен. Епл за оваа пригода избрала модна комбинација што ги спојува урбаниот стил и лежерната елеганција.
Под долгиот црн капут се наѕирал краток бел горен дел, додека широките сиви панталони ѝ дале на комбинацијата опуштен, донекаде и андрогин изглед. Посебен детаљ бил црвениот приврзок околу вратот, кој внел малку боја во инаку едноставната модна комбинација.
Мозес, пак, се одлучил за нешто поинаков пристап. Црните панталони и поло-маицата во иста боја, преку која облекол сива јакна, биле совршено усогласени со лежерниот и модерен стил што често го избираат младите музичари, а токму таа ненаметливост придонела да изгледа повеќе од добро.
Додека братот и сестрата позирале заедно, на големо воодушевување на фотографите, присутните ја коментирале нивната неверојатна сличност со родителите. Во убавата Епл многумина ги препознаваат цртите на лицето и елеганцијата на популарната актерка, додека Мозес, како што велат, сè повеќе наликува на својот татко. За таквиот впечаток секако придонесуваат и неговиот музички сензибилитет и опуштен имиџ.

Палтроу и Мартин биле во брак од 2003 до 2014 година, а по разделбата останале најдобри пријатели. Двајцата во повеќе наврати истакнале дека засекогаш ќе останат семејство и дека децата треба да растат со поддршка од двајцата родители.
Тие често се собираат по повод значајни настани, како што се родендени и празници, претставувајќи позитивен пример за таканареченото „свесно разделување“ (conscious uncoupling), односно идејата дека бракот може да заврши, но родителството, почитта и блискоста не треба да исчезнат заедно со него.












