Зад еден од најголемите хитови на покојниот Тоше Проески, познатата балада „Соба за тага“, се крие шокантната животна приказна на човек кој ги напишал стиховите зад решетки, откако извршил убиство.
Иако Тоше трагично го загуби животот во сообраќајна несреќа на 16 октомври 2007 година, сеќавањето на него сè уште живее преку неговите песни, кои публиката ги слуша со истата емоција како и пред многу години.
Имено, текстот за „Соба за тага“ е напишан од човек кој во тоа време отслужувал затворска казна. Тој бил зад решетки за тешко кривично дело - убиство на неговата сопруга.
Стиховите, проткаени со болка и тешки емоции, некако стигнале до менаџерот на Тоше, кој веднаш го препознал нивниот потенцијал и му предложил на пејачот да ги претвори во песна. Тоше го прифатил предлогот, а песната набрзо станала еден од неговите најголеми хитови.
Она што ја прави оваа приказна уште понеобична е фактот што авторот не сакал никаква парична компензација за своите стихови. Тој имал само една желба - да добие посвета на оригиналното издание на албумот.

Неговото барање било исполнето, и така трагичната животна приказна, создадена зад затворските ѕидови, станала дел од музичката историја и песна што сè уште буди силни емоции кај публиката денес.






