Мишел Лами – жена која е тешко, ако не и невозможно, да се заборави поради нејзиниот контроверзен изглед и специфичниот моден стил, но и експресивноста, енергијата, ексцентричните ставови...
Таа е дел од шоу-бизнисот, иако повеќе од сенка, речиси четири децении, и додека пошироката јавност можеби само површно е запознаена со нејзиниот лик и дело, секој што сака да стане познат многу добро знае дека токму нејзината врата е вистинската адреса!

Мишел Лами е жена која ги поврзува остварените и неостварените ѕвезди од различни општествени кругови, создава нечија популарност или непопуларност, крева врева околу нечија работа или талент – може да ве издигне или да ве уништи. Нејзиното влијание далеку ја надминува класичната модна индустрија, за што сведочи и фактот дека често се споменува во популарните рап-песни како симбол на врвен, некомерцијален луксуз и моќ.
Жена обвиена со превез на мистерија, но едно е сигурно – има брилијантен претприемачки дух
Славната 82-годишна жена е феномен сама по себе, модна икона и личност опкружена со бројни мистерии и сочни трачеви, од кои некои граничат со неверојатното... Таа е Мароканка или Алжирка, можеби Ромка, ја одгледувале волци во Ардените, таа е вештерка или вампир и има 1600 години – тоа се само некои од теориите што се плетат околу оваа необична и впечатлива дама. „Што е совршен ден? Совршен ден е оној во кој има многу хаос“, изјавила Лами во една пригода, што најдобро го опишува нејзиното доживување на животот.

Сепак, вистината е многу поедноставна: Мишел е родена парижанка, која по студиите по право со години работела како адвокатка, за во своите триесетти години да започне да настапува во кабаре, а потоа и да се занимава со музика... Потоа решила да го спои својот талент за пеење со деловниот инстинкт, кој, како што ќе се покаже, никогаш не ја изневерил, па во деведесеттите години го отворила култниот холивудски ресторан и кабаре „Les Deux Café“. Иако денес е затворено, ова место во своето време се здобило со легендарен статус, а меѓу гостите имало имиња како Мадона и Грејс Џонс, заедно со многу други уметници, креативци, драг-кралици и сите оние кои уживале во пиењето пијалаци и во набљудувањето на Мишел додека, опкружена со облак од чад од цигара, пеела или рецитирала поезија од Ленгстон Хјуз.

Пред да започне со угостителската кариера, Мишел, секогаш со исклучително автентичен стил, во средината на осумдесеттите години се впуштила во сосема поинаков деловен потфат: го основала брендот за спортска облека „Lamy!“. Започнувањето на модниот бизнис ја довело до познанство со Рик Овенс, човекот со кого изградила деловна империја, но и емотивно-интелектуално партнерство.
Рик Овенс и Мишел дури и се венчале, и покрај тоа што тој отворено се декларирал како хомосексуалец. „Значи, вистина е дека сум бисексуалец... Тоа не би требало да биде така. Луѓето не го сакаат тоа. Би било прекрасно кога сè би било црно или бело, но во животот сè се врти околу двосмисленоста и понекогаш мора да ги приспособувате правилата во од. Би ми било многу полесно доколку беше онака како што некогаш претпоставував – да минувам низ животот како 100 отсто геј, без постојана врска, но со многу секс“, објаснил дизајнерот во една пригода.

Визуелниот идентитет како перформанс
И ден-денес Мишел, иако е во поодминати години, ги диктира правилата на светската естрада, важејќи за една од највлијателните и најнеконвенционалните фигури на поп-културата и андерграунд уметничката сцена. Визуелниот идентитет е едно од главните средства со кои Мишел ја гради својата репутација каде и да се појави – во индустрија опседната со младоста и стандардизираната убавина, таа им пркоси на сите правила. Нејзиниот препознатлив изглед – прсти обоени со црна кана, златни заби, масивни сребрени прстени, тетоважи на лицето и специфичниот рапав глас – ја претворил во жива уметничка инсталација и една од најфотографираните личности на светските модни недели.
Интересно е што Лами, чиј изглед веќе со години е често нагласен и нападен, па донекаде и вознемирувачки, во помладите години била вистинска нежна убавица, софистицирана и елегантна.

Нејзините стари фотографии често кружат на социјалните мрежи, покажувајќи дека некогаш, пред неколку децении, Мишел имала сосема поинаква естетика и поинаква претстава за тоа како треба да изгледа стилот.


Годините несомнено си го прават своето, но во драматичната промена на имиџот на оваа славна дама сигурно има уште многу, многу повеќе од тоа.












