Уредниците на градските изданија на магазинот „Тајм аут“ ширум светот открија каде луѓето најмногу сакаат да го поминуваат своето време. Еве кој се најде на првото место на нивната ранг-листа за 2026 година.
Понекогаш најважниот дел од еден град, кој на посетителите им овозможува на мал простор да искусат сè што тој има да понуди, може да се најде во само една улица, пишува „Тајм аут“.
Таквите места често се украсени со историски градби или улична уметност, а изобилуваат со разновидни ресторани, одлични барови, необични и интересни продавници и креативни простори. Сè на сè, станува збор за исклучително забавни места за дружење и поминување на слободното време.

Секоја година, ваквите места се издвојуваат на годишната ранг-листа на најинтересните улици во светот, која „Тајм аут“ ја составува со помош на мрежа од градски уредници ширум светот и локални експерти кои одлично ги познаваат своите средини.
Па, која улица магазинот „Тајм аут“ ја прогласи за најдобра за 2026 година?
Титулата ја освои улицата Сонг Ват (Song Wat Road), некогашното трговско срце на Бангкок, која доживеала голема трансформација благодарение на креативната обнова предводена од уметници.
„Оваа историска трговска улица, која се протега паралелно со реката Чао Праја, денес е едно од најмодерните места за излегување во главниот град. Во зградите стари и по цел век сега се сместени специјализирани кафулиња, независни галерии, дизајнерски бутици и ресторани со навистина одлична храна“, вели Ејдан Стјуарт, заменик-уредник за содржина на магазинот „Тајм аут Тајланд“.
Проектот ’Made in Song Wat‘ одлично ја претставува сè поживата креативна заедница на оваа улица. Станува збор за здружение на локални бизниси, кое во последните четири години пораснало од 10 на 60 членови и организира заеднички вечери во соседството и различни настани.
Стјуарт препорачува посета на ресторанот Гу Лонг Бао, каде што можете да пробате печива приготвени на пареа во теочевски стил, а потоа да се напиете пијалак во „We Didn’t Land on the Moon Since 1987“, еден од најнеобичните барови во Бангкок.
Не треба да се пропушти ниту купувањето винтиџ облека во продавницата „Soul Songwat“, како и посетата на независниот бутик „Garçon Dept“.

На останатиот дел од листата се наоѓаат и космополитска улица во западен Лондон, пешачка зона со бројни ресторани и барови во Буенос Аирес, како и изненадувачки пристапен дел од Хелсинки, заедно со многу други интересни локации.
Целосната листа на најинтересните улици во светот за 2026 година, погледнете ја на следниот ЛИНК.











